четврток, 7 мај 2026

Илон Маск: Ќе бидам изненаден ако во рок од пет години не слетаме на Марс

Објавено на

часот

Сподели

„Ќе бидам изненаден ако не слетаме на Марс во рок од пет години“, изјави Маск за магазинот Тајм, говорејќи за планираниот потфат на неговата компанија Спејсекс.

Маск, 50-годишниот милијардер и основач на Спејсекс и Тесла моторс, неодамна беше прогласен за лице на годината токму според Тајм.

Претприемачот има големи планови за Марс. Сака да воспостави одржлив град кој ќе се напојува со соларна енергија и сам ќе одгледува храна на хидропонски фарми. Маск постојано повторува дека човештвото, доколку сака да обезбеди континуитет на своето постоење, мора да се прошири надвор од границите на Земјата. Марс се наоѓа на оддалеченост од околу 54 милиони километри од Земјата.

„Откако ќе слетаме, следната голема работа е да изградиме самоодржлив град на Марс, каде што треба да донесеме животни од Земјата. Нешто како футуристичка Ноева арка. Ќе донесеме повеќе од паровите животни, иако – малку е чудно ако има само по две“, додаде тој.

Во февруари, експерт за вселенска политика и професор на Универзитетот во Аризона, Грег Отри за Бизнис инсајдер рече дека Маск веројатно нема да стигне до Марс до 2029 година, без разлика дали НАСА ќе му помогне или не, напиша Си-ен-би-си.

Други вселенски експерти велат дека Марс веројатно не може самостојно да одржува долгорочно населување на луѓето. Самиот Илон Маск во интервју за непрофитната организација Експрајз во април изјави дека „некои астронаути веројатно ќе умрат на пат кон Марс“.

Илон Маск, моментално најбогатиот човек на Земјата чие богатство Форбс го проценува на 247 милијарди долари, има долга историја на поставување нереални рокови за технолошки скокови.

Така, во 2016 година, тој на Твитер објави дека Тесла ќе лансира целосно автономни автомобили за околу две години. Три години подоцна, тој вети милион роботакси на Тесла до 2020 година.

„Прецизноста не ми е силна страна“, призна Маск на еден конференциски повик минатата година.

Сепак, компанијата на Маск, Спејсекс, проценета на околу 100 милијарди долари, е важен играч во вселенската трка. Во април, НАСА му додели на Спејсекс ексклузивен договор за испраќање американски астронаути на Месечината, кои не биле таму од 1972 година.

Во интервјуто за Тајм, Маск рече дека не планира нужно да заработи пари со својот проект на Марс.

„Се работи за тоа дека сакаме животот да го прошириме на повеќе планети и да осигураме човештвото да стане цивилизација што патува во вселената“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ