сабота, 25 април 2026

Хрватската полиција обвинета дека ги ограбува и насилно ги враќа Авганистанците назад во Босна

Објавено на

часот

Сподели

Додека сојузничките сили се мачеа да евакуираат илјадници бегалци од Кабул поради заканите од одмазда на Исламска држава, хрватската полиција наводно ограбила и насилно вратила во Босна и Херцеговина десетици Авганистанци што избегале од својата земја.

Ова го објави британски Гардијан, кој собрал сведочења на авганистанските баратели на азил и дошол до ексклузивниот извештај на Данскиот совет за бегалци (ДРК), во кој се документирани околу 60 илегални враќања во БиХ што хрватската полиција наводно ги извршила помеѓу 16 август и 29 август над авганистанските семејства што се обиделе да стигнат до Европа.

Насилното враќање претставува кршење на Универзалната повелба за човекови права, Женевските конвенции и правото на ЕУ.

Според сведочењето на жртвите, насилното враќање вклучувало брутално и насилно однесување, понижувачки третман и кражби, како и уништување лични работи, пишува Гардијан.

„12 пати бевме вратени од хрватската граница. Ни ги украдоа парите и телефоните“, рекол Зихаул ал-Хак (25), кој избегал од Авганистан со својата сопруга во 2016 година.

„Последниот пат кога бевме вратени беше помеѓу 20 и 21 август. Сега Авганистан е целосно под контрола на талибанците, а ние сме во бегство пет и пол години. Уморни сме“.

Гардијан наведува дека Авганистанците се втори по број на балканската рута – „еден од најопасните премини кон Европа“. Таа ги води преку Бугарија, Македонија или Србија, потоа БиХ, Хрватска и Словенија, од каде што конечно можат да заминат за Италија или Австрија. Весникот пишува дека стотици авганистански семејства се блокирани на границата меѓу Хрватска и БиХ, во Бихаќ или во местото Босанска Бојна. Оние со деца живеат во напуштени згради без вода или струја. Многумина избегаа од Авганистан во последните пет години откако талибанците почнаа да ги освојуваат руралните области, изведувајќи бомбашки напади и десетици егзекуции.

Обвиненијата против хрватската полиција за насилно враќање и злоупотреба не се нови. Добротворните организации со години ги осудуваат злоупотребите, а Европската комисија во неколку случаи побара појаснување од Хрватска.

Хрватската полиција и хрватското Министерство за внатрешни работи ги отфрлаат обвинувањата, тврдејќи дека се „решени да соработуваат со ЕУ во спречувањето да се повторат неконтролираните големи илегални миграциски движења со кои се соочувавме во минатото“.

Во меѓувреме, ЕУ се подготвува за една од најдраматичните хуманитарни кризи во поновата историја, пишува Гардијан, повикувајќи се на податоци од Високиот комесаријат на ОН за бегалци дека 500.000 Авганистанци би можеле да побегнат до крајот на годинава. Оние што неодамна избегаа од талибанците ќе им се придружат на илјадниците Авганистанци што ја напуштија земјата пред неколку месеци или години, како и на барателите на азил од Јужна Азија, Блискиот Исток и Северна Африка, обидувајќи се да тргнат по балканската рута.

Според Агенцијата на ОН за миграција (ИОМ), авганистанските граѓани наскоро ќе станат најмногубројните баратели на азил на Балканот. Меѓутоа, соседите на Авганистан, како и поголем дел од Европа, изјавија дека авганистанските бегалци не се добредојдени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ