среда, 29 април 2026

Европската Унија го осуди руското информатичко шпионирање и се закани со санкции

Објавено на

часот

Сподели

„Некои земји членки на ЕУ забележаа злонамерни информатички активности означени како Гоустрајтер и ги поврзаа со руската држава“, истакна шефот на европската дипломатија Жосеп Борел во соопштението објавено во име на дваесет и седумте членки на ЕУ.

„Тие активности се неприфатливи бидејќи сакаат да го загрозат нашиот интегритет и нашата безбедност, вредностите и демократските принципи и основното дејствување на нашите демократии, така што овозможуваат дезинформирање и манипулирање со информацијата“, предупреди тој.

Нападите биле насочени против парламентарни пратеници, државни службеници, политичари, новинари и припадници на граѓанското општество, а се изведувале со пристап во информатичките системи, во лични компјутери и со кражба на податоци, се додава во соопштението.

Германската влада ги обвини руските тајни служби за „фишинг“ напади или мрежна кражба на идентитет, чија цел биле германски пратеници и ги осуди обидите за влијаење врз германските парламентарни избори кои ќе се одржат во недела.

Германското правосудство води истрага поради „сомнежи во работата на странските разузнавачки служби“.

„ЕУ и нејзините членки остро ги осудуваат тие злонамерни кибернетички активности со кои сите вмешани страни мора веднаш да престанат“, истакна Борел.

„Ја повикуваме Руската Федерација да ги прифати стандардите на одговорно однесување на земјите во информатичкиот простор. ЕУ на тоа прашање ќе се врати на идните состаноци и ќе размисли за воведување нови мерки“, истакна тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ