четврток, 16 април 2026

Ерменскиот премиер победи на изборите, опозицијата тврди дека е измама

Објавено на

часот

Сподели

Ерменците вчера гласаа на предвремени парламентарни избори кои ги свика премиерот Пашинјан во надеж дека ќе донесат излез од политичката криза предизвикана од минатогодишниот пораз на земјата во оружениот судир со Азербејџан околу Нагорно Карабах.

Партијата на Пашинјан Граѓански договор доби 53,9 отсто од гласовите, далеку пред својот главен противник, Ерменскиот блок на поранешниот претседател Кочарјан кој доби 21 отсто, покажуваат резултатите.

Таквиот резултат му овозможува на Пашинјан сам да формира нова влада на која повторно ќе биде на чело.

„Веќе знаеме дека уверливо победивме на изборите и дека ќе имаме уверливо мнозинство во парламентот“, кажа Пашинјан неколку часа по објавувањето на официјалните резултати, повикувајќи ги своите поддржувачи да се соберат вечерва во центарот на Ереван.

Не чекајќи ги комплетните официјални резултати, изборната коалиција на Кочарјан спомна „фалсификат однапред планиран“ и побара „внимателно да се проучат претпоставените и сигнализирани измами“.

„Сè додека на тие прашања нема целосни одговори, блокот нема да ги признае резултатите на изборите“, објави неговиот сојуз.

Пашинјан, поранешен новинар, дојде на чело на владата во 2018 на крилата на мирните протести со ветувањето дека ќе ја урне корумпираната елита која владееше со малата земја на Кавказот по распадот на поранешниот Советски Сојуз.

Предвремените избори ги свика под притисок на опозицијата и масовните протести на кои се бараше негова оставка уште од минатиот ноември, кога го постигна мировниот договор со Азербејџан по повеќенеделните борби во Нагорно Карабах.

Многу Ерменци се чувствуваат предадено, а опозицијата го обвинува за поразот, поради тоа што по борбите кои однесоа околу 6.000 животи потпиша мировен договор со кој Ерменија се откажа од голем дел од териториите во Нагорно Карабах, кој со децении беше под нејзина контрола.

Кочарјан, кој е пријател со рускиот претседател Владимир Путин, не престанува да ја осудува неспособноста на сегашната влада.

Претседател од 1998 до 2008, тој во минатото се соочи со осуди за изборни измами и е предмет на истрага за корупција.

Излезноста на изборите беше околу 49,4 отсто, а учествуваа четири изборни коалиции и 21 партија.

Набљудувачите на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) подоцна денес ќе ги претстават своите прелиминарни заклучоци за изборите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ