Тој кажа дека една од темите ќе биде законот за негирање на геноцид кој го наметна сега веќе поранешниот висок претставник на меѓународната заедница во БиХ Валентин Инцко.
Додик истакна дека тука станува збор за „наметнување закон“.
„Тука станува збор за наметнувањето на законот, не за самата суштина. Србија го поддржува Дејтонскиот договор. Ќе мораме претседателот (Вучиќ) да го запознаеме со деталите на сето тоа. Ова е некаков лакмус за да видат како можат нештата да се случуваат. Одговоривме силно. Тие приказни за геноцид да ни се наметнат како обврска… БиХ покажа дека не може да функционира. Не можеме да живееме заедно и мораме да се разделиме“, наведе Додик.
На прашањето дали го чекал донесувањето на законот за негирање геноцид за да ја придвижи приказната за независност, тој одговори дека може да зборуваат што сакаат.
„Да направиме три одвоени држави“, истакна тој. „Ова е нерасчистена ситуација. Постојано нè туркаат во таа приказна. Нам ни го узурпираа она што ни е дадено со меѓународното право“.
„Ќе има промена на границите. Нема да има стабилност додека ние не се раздвоиме. Муслиманите ја сакаат земјата за себе, тоа не им го дозволуваат ни Србите ни Хрватите“, кажа Додик.






