Според Атласот на Светската метеоролошка организација, кој го евидентира бројот на жртвите и економските штети предизвикани од екстремни метеоролошки услови, климатски и хидролошки, од 1970 до 2019 година, овие катастрофи се петпати почести во тој период.
„Бројот на екстремните временски настани, климатски и хидролошки, продолжува да расте. Климатските промени ќе станат почести и пожестоки во многу делови на светот“, предупреди во изјавата генералниот секретар на ОН, Петери Таалас.
Во изминатите 50 години во светот се случиле повеќе од 11.000 катастрофи што им се припишуваат на овие феномени, во кои загинале нешто повеќе од два милиони луѓе, а штетата се проценува на 3.080 милијарди евра.
Во просек, во тие 50 години секој ден се регистрирала по една метеоролошка катастрофа, климатска или хидролошка, убивајќи по 115 луѓе секој ден и предизвикувајќи штета од 202 милиони долари.
Повеќе од 91 процент од овие смртни случаи се случиле во земјите во развој.
Сушата е одговорна за најголемиот број смртни случаи во тие 50 години. Таа однела речиси 650.000 човечки животи, а следуваат бурите со повеќе од 577.000 мртви и поплавите со 58.700 мртви, па екстремните температури со речиси 56.000 мртви.
И покрај тоа, подобрувањето на системот за рано предупредување и справување со катастрофи овозможило значително намалување на бројот на жртвите, кој се намалил од повеќе од 50.000 во 1970-тите на помалку од 20.000 во 2010-тите.
„Едноставно, ние сме подобро подготвени од кога било да ги заштитиме животите“, истакнува Таалас.
Но останува уште многу да се направи: само половина од 193-те членки на Светската метеоролошка организација имаат системи за рано предупредување за различни опасности.
Организацијата, исто така, повикува на подобрување на метеоролошките и хидролошките мониторинг-мрежи во Африка, во некои области на Латинска Америка и во островските држави на Пацификот и Карибите.
Мами Мизутори, која раководи со Канцеларијата на ОН за намалување на ризикот од катастрофи, исто така, во соопштение порача дека е задоволна што се спасуваат повеќе животи благодарение на овие системи за рано предупредување.
Но таа исто така предупреди дека „бројот на луѓето изложени на ризици од катастрофи не престанува да расте поради демографскиот раст во тие ризични области и поради поголемиот интензитет на метеоролошките појави и нивната поголема фреквенција“.
Кога станува збор за економските загуби, тие се зголемија од просечни 49 милиони долари на ден во 1970-тите на 383 милиони долари на ден од 2010 до 2019 година.
Бурите биле најчеста причина за материјална штета и се одговорни за најголемата економска штета во светот, соопшти организацијата.
Седум од десетте најскапи катастрофи во тие 50 години се случиле по 2005 година, од кои три само во 2017 година – ураганите Харви (97 милијарди долари штета), Марија (речиси 70 милијарди долари штета) и Ирма (речиси 60 милијарди долари штета).






