сабота, 25 април 2026

Бајден ја осуди одлуката на Врховниот суд за забрана на абортус во Тексас

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката „предизвикува неуставен хаос“ и „ја навредува правната држава“, рече тој во изјавата.

Демократскиот претседател вети „итен одговор“ од својата влада и повика на пронаоѓање „мерки со кои на жените од Тексас ќе им се гарантира пристап до безбедни и легални абортуси“ и да се заштитат клиниките и лекарите од можни тужби.

Врховниот суд на САД во средата одби да ја блокира забраната за абортус по шестата недела од бременоста во Тексас, нанесувајќи силен удар врз правата за абортус и го стави на сила тексашкиот закон со кој се забрануваат повеќето абортуси.

Со пет гласа „за“ и четири „против“, судиите го отфрлија итното барање на давателите на услуги за абортус да се укине забраната која стапи на сила во средата рано наутро во Тексас.

Тексас донесе закон за забрана на абортус откако ќе се детектира отчукувањата на срцето на фетусот, често во шестата недела, а понекогаш и пред жената воопшто да сфати дека е бремена.

Таквиот закон е „толку екстремен што дури и не предвидува исклучок во случај на силување или инцест“, истакна Бајден.

Притоа, целосни странци сега можат да се мешаат во најинтимните и најлични одлуки со кои се соочуваат жените, рече тој, осврнувајќи се на можноста обични граѓани судски да ги гонат оние што им помагале на жените да извршат абортус.

„Наместо да го користи својот врховен авторитет за да се осигура правдата да биде задоволена, највисокиот суд на нашата земја ќе остави милиони жени во Тексас… да страдаат додека судовите постапуваат по сложени процедури“, додаде тој.

Одлуката на Врховниот суд го илустрира влијанието на тројцата конзервативни судии назначени од поранешниот републикански претседател Доналд Трамп, кои го повлекоа Врховниот суд надесно, оценува Ројтерс.

Ваква забрана не била дозволена во ниту една држава уште од пресудата од Роу против Вејд, историска пресуда на Врховниот суд со која се легализираше абортусот на национално ниво во 1973 година.

Судовите ги блокираа таквите забрани, повикувајќи се на Роу против Вејд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ