„Се разбира, тоа е големо разочарување за француската влада и јас го разбирам тоа. Меѓутоа, Австралија како и секоја друга суверена држава мора секогаш да носи одлуки што се во наш суверен национален одбранбен интерес“, рече Морисон на денешната прес-конференција во Сиднеј.
Австралија, Британија и САД во средата објавија формирање трилатерален безбедносен сојуз АУКУС заради зајакнување на одбранбената соработка во Индо-Пацификот, која предвидува флота од нуклеарни подморници што Австралија ќе ги изгради со помош на Соединетите Држави.
Поради таа одлука, Канбера се откажа од договор вреден 40 милијарди долари со француска компанија која требаше да изгради флота од подморници, на што Париз жестоко реагираше и ги повлече своите амбасадори.
Лицемерие, презир и лаги се зборовите со кои францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан ја опиша сериозната криза на неговата земја со САД и Австралија, која го откажа мега-договорот за француските подморници и избра да гради нуклеарни, а регионот стравува дека тоа може да поттикне трка во вооружувањето.






