сабота, 25 април 2026

Американската војска го напушти Авганистан по 20 години, талибанците слават (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

„Сакам да прогласам крај на нашето повлекување од Авганистан и крај на мисијата за евакуација на американски граѓани, државјани на трети земји и загрозени Авганистанци. Последниот авион Ц-17 полета од аеродромот Хамид Карзаи во понеделникот, 30 август, попладнето во 15 часот и 29 минути по источноамериканско време, и последниот авион со луѓе го напушти воздушниот простор на Авганистан“, рече командантот на американската Централна команда, Френк Мекензи.

Тој рече дека САД ќе ја продолжат својата дипломатска мисија со цел да ги евакуираат преостанатите американски државјани и оние Авганистанци што сакаат да заминат, пренесува Си-ен-ен.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=aSb0bAPbuXY autoplay:0]

„Вечерашното повлекување го означува крајот на воената компонента на евакуацијата, но и крајот на речиси 20-годишната мисија што почна во Авганистан кратко по 11 септември 2001 година. Тоа е мисија што му донесе крај на Осама бин Ладен, како и на многу негови соработници. Тоа не беше евтина мисија“, рече Мекензи.

За време на мисијата, како што објасни, загинале повеќе од 2.460 американски војници и цивили, а повеќе од 20.000 од нив биле ранети, вклучително и 13-те војници што загинаа во неодамнешниот напад на бомбашите самоубијци на ИСИС-Х во близина на аеродромот во Кабул.

Крајот на најдолгата американска војна значи и дека од овој момент, за прв пат по речиси две децении, САД и нивните сојузници нема да имаат сили во Авганистан.

Американската војска ја изврши „најголемата неборбена евакуација“ во воената историја за 18 дена, кога евакуираше 79.000 цивили од Авганистан, рече Мекензи, признавајќи дека не било можно да се евакуираат сите што сакаат.

„Од 79.000 евакуирани од аеродромот во Кабул, 6.000 се Американци, а повеќе од 73.000 се странски државјани и авганистански цивили“, рече Мекензи на прес-конференција во Пентагон, откако последниот американски воен авион го напушти Авганистан.

Севкупно, Соединетите Држави и другите земји заедно евакуираа повеќе од 123.000 цивили, а сето тоа беше овозможено благодарение на американската војска што го обезбедуваше аеродромот во Кабул.

Мекензи додаде дека не секој што сакал да го напушти Авганистан успеал да стигне до аеродромот.

„Дури и да останевме уште 10 дена, немаше да можеме да ги извлечеме сите што сакаат да заминат. И понатаму ќе имаше такви што се разочарани. Ситуацијата е тешка“, призна Мекензи.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=zsXu86gC16c autoplay:0]

Американците целосно се повлекоа од Авганистан синоќа, ден пред крајниот рок што го постави претседателот Џо Бајден.

Талибанските борци пукаа со пушки во воздух во прославата во Кабул, кога САД го завршија повлекувањето на своите сили од Авганистан.

Крајот на најдолгата војна во историјата на САД дојде речиси 20 години откако влегоа во земјата по нападите врз Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година.

Додека талибанците го слават она што го нарекуваат „целосна независност“, постојат прашања за тоа како ќе изгледа Авганистан под планираната привремена влада.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=ZpwDXY2tOqw autoplay:0]
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ