„Ако не сакаат да разговараат, не ми е гајле. Мислам дека тоа е во ред. Ниту јас не сакам особено да разговарам. Веќе премногу зборуваме“, кажа Трамп, додавајќи дека тоа „не значи дека Американците ќе бомбардираат насекаде“.
„Ќе ја одржиме блокадата“, порача тој, додавајќи дека наскоро ќе одлучи за договорот за продолжување на прекинот на огнот постигнат на почетокот на април.
Иранската новинска агенција Тасним денес објави дека Иран ги прекинува преговорите со Соединетите Американски Држави поради израелската офанзива во Либан.
„Со оглед на тековните злосторства на ционистичкиот режим во Либан и со оглед на тоа што прекинот на огнот во Либан беше еден од предусловите за прекин на огнот, иранскиот преговарачки тим го прекинува дијалогот и размената на текстови преку посредници“ со САД, објави Тасним.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денес порача дека прекинот на огнот меѓу Иран и САД „недвосмислено се однесува на сите фронтови и треба да го вклучи и Либан“, кој е нападнат од Израел.






