„Овој викенд беа одржани многу позитивни разговори со Хамас и земјите од целиот свет (арапски, муслимански и други) за ослободување на заложниците, завршување на војната во Газа, но најважно од сè, конечно да се донесе долгоочекуваниот мир на Блискиот Исток“, напиша Трамп синоќа на својата мрежа Трут сошл.
Американскиот претседател додаде дека има информации дека првата фаза од договорот треба да биде завршена оваа недела и затоа повикува на „брз напредок“ во разговорите.
Планот, кој Трамп го претстави пред седум дена заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, предвидува прекин на огнот, ослободување на заложниците во Газа во рок од 72 часа, разоружување на палестинското движење и постепено повлекување на Израел од територијата.
Според планот на Трамп, Израел треба да ослободи 250 палестински затвореници што отслужуваат доживотна казна затвор и повеќе од 1.700 притвореници во Газа уапсени по 7 октомври 2023 година, датумот на нападот на Хамас врз Израел што ја предизвика сегашната војна.
Хамас во петокот соопшти дека е подготвен да ги ослободи сите заложници како дел од планот на американскиот претседател и веднаш да започне преговори за финализирање на деталите.






