среда, 19 ноември 2025

Рубио: Мислам дека Израел сфаќа дека заложниците не можат да бидат ослободени среде воздушни напади

Војната во Газа го оштети јавниот имиџ на Израел, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според Ројтерс, американскиот државен секретар го кажал ова откако Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека ќе ги прекинат офанзивните операции во градот Газа, по договорот за размена на затвореници меѓу Израел и Хамас, предложен од американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела.

„Без разлика дали нам ни се допаѓа или не, видовме дека земји како Обединетото Кралство, Австралија, Канада и други на некој начин изразуваат поддршка – или најавуваат поддршка – за палестинска држава. Видовме, дури и во нашата внатрешна политика, одредени напади врз Израел“, рече Рубио вчера во емисијата „Соочи се со нацијата“ на Си-би-ес.

„Мислам дека тоа е поентата што ја истакнува претседателот – без разлика дали верувате дека постапките на Израел биле оправдани или не, не можете да го игнорирате влијанието што ова го имаше врз глобалниот углед на Израел“, додаде тој.

„Мислам дека Израелците исто така разбираат дека заложниците не можат да бидат ослободени во екот на воздушни напади“, рече Рубио.

Израел досега го отфрлаше повикот на Трамп за итно запирање на воздушните напади во палестинската енклава, каде што бројот на жртвите од октомври 2023 година надмина 67.000.

Сепак, Рубио изрази увереност дека Израел ќе ги прекине нападите штом ќе биде финализиран договорот за размена на затвореници. „Откако ќе се договорат логистичките детали за тоа како ќе се спроведе ова – мислам дека и Израелците и сите други разбираат дека заложниците не можат да бидат ослободени во екот на воздушни напади, па затоа нападите ќе мора да престанат“, рече тој.

Иако Хамас се согласи да ги предаде сите преостанати израелски заложници во замена за палестински затвореници, досега одбива да се разоружи. Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одби да се обврзе на целосно повлекување од Појасот Газа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ