Заклучоците од новата стручна анализа се мрачни, но не е тајна дека Њу Орлеанс е исклучително ранлив на растот на нивото на морето предизвикан од затоплувањето на планетата. Крајбрежна Луизијана е едно од најниските подрачја во светот, а Њу Орлеанс, град со околу 360.000 жители, е особено изложен на опасност. Се наоѓа во котлина, главно под нивото на морето, среде делта што забрзано се намалува.
Градот е речиси целосно опкружен со мочуришта што служат како заштита од урагани и бури. Но тие брзо исчезнуваат бидејќи луѓето ги сушат за изградба, копаат канали за потребите на нафтената и гасната индустрија и градат насипи на реките, со што мочуриштата остануваат без наносите што ги штитат од потопување. Од 1930-тите, Луизијана изгубила околу 5.180 квадратни километри мочуришно земјиште.
Според анализата објавена во мај во списанието Нејчр састејнабилити, крајбрежнаta Луизијана ја очекува раст на нивото на морето од околу три до седум метри. Последиците би биле тешки: се очекува губење на околу 75 отсто од преостанатите мочуришта, а брегот би можел да се повлече и до 100 километри кон внатрешноста.
Авторите на студијата наведуваат дека регионот „ја помина точката без враќање“ и додаваат дека Њу Орлеанс „многу лесно би можел да биде опкружен со Мексиканскиот Залив пред крајот на овој век“. Тие сметаат дека градот мора да ја искористи можноста да развие стратегии за преселување што би можеле да послужат како модел за други места со слична судбина.
Растот на нивото на морето им се заканува на крајбрежните градови низ целиот свет — од Њујорк и Лондон до Бангкок и Шангај.
„Главните прашања се колку брзо ќе дојде таа иднина и како ќе изгледа“, изјави Бенџамин Штраус, извршен директор и главен научник на организацијата Климатски центар.
За да ја мапираат иднината на Луизијана, научниците го проучувале нејзиното минато. Еден од авторите открил древно крајбрежје околу 50 километри северно од Њу Орлеанс, создадено пред околу 125.000 години, кога температурите биле слични на денешните, но нивото на морето било најмалку три метри повисоко.
„Многу е веројатно дека нивото на морето во иднина повторно ќе ја достигне таа висина“, изјави Торбјорн Торнквист, еден од авторите на студијата и професор по геологија на Универзитетот Тулејн. Прашањето е што треба да се направи и кога.
Луѓето веќе со децении ја напуштаат крајбрежна Луизијана, вели Бријана Кастро, авторка на студијата и доцентка по урбана одржливост на Јејл.
Од ураганот Катрина, кој ја погоди Луизијана во 2005 година и однесе речиси 1.400 животи, Њу Орлеанс изгубил околу 25 отсто од населението. Иселувањето се случува во бранови — секој голем ураган или поплава предизвикува нов бран заминувања.
Бурите со кои се соочува градот веројатно ќе стануваат сè понеподносливи за живот. Според една неодамнешна студија, околу 99 отсто од жителите на Њу Орлеанс живеат во зона со висок ризик од поплави.
„Кога градот ќе го погоди уште еден ураган како Катрина, речиси сите ќе претрпат штета од поплави“, изјави Ванјун Шао, автор на таа студија и професор по географија на Универзитетот во Алабама.
Авторите предупредуваат дека неуспехот да се спроведе внимателно планирано преселување може да доведе до „хаотично“ повлекување со висока цена, особено за најсиромашните жители. Како што бројот на жителите опаѓа, нееднаквостите ќе се продлабочуваат. Даночната основа слабее, јавните услуги пропаѓаат, осигурителните премии растат, а вредноста на куќите паѓа.
Луѓето можат да решат да останат и да се обидат да се приспособат, но колку повеќе пари вложуваат во заштита од поплави, толку помалку ќе имаат за евентуално идно преселување.
„Ако е јасно дека еден ден ќе мора да заминеме, дали сакаме да чекаме додека луѓето не останат без сите ресурси и не избие криза?“, праша Кастро.
Веќе се случило — во Шведска
Преселувањето не е без преседан. Градот Кируна на северот на Шведска полека исчезнува поради рудникот за железна руда врз кој е изграден. Како што рудникот се ширел, зградите пукале, а некои и се урнале.
Кируна сега е среде повеќедецениски процес на преселување, изгласан во 2004 година, кој треба да заврши во 2035. Минатата година градот ја преместил својата повеќе од сто години стара црква во нов дел од градот со специјално конструирани платформи. Новиот центар на градот треба да биде завршен следната година.
Но преселувањето не било лесно. Кириите пораснале, што им го отежнува животот на жителите, а постои и страв дека ќе се изгубат културата и заедницата.
„Голема тага е да оставиш сè зад себе и мислам дека е важно тоа да се разбере“, изјави Клара Нистрем, градска службеничка за културно наследство.
Њу Орлеанс 2.0
Кастро верува дека е можно да се изгради „Њу Орлеанс 2.0“ на побезбедно тло без жртвување на духот на градот.
„Ако изградите одличен град, луѓето ќе дојдат. Не мора да се изгуби духот на Њу Орлеанс“, рече таа.
Други се многу поскептични.
Беверли Рајт, чие семејство живее во Њу Орлеанс веќе осум генерации, стравува дека преселувањето би можело да ја разори градската заедница.
„Културата што ја имаме произлегува од животните искуства и соседствата, па секогаш кога ќе разбиете едно маало, нешто се губи“, рече Рајт, основачка и извршна директорка на Центарот за еколошка правда на Длабокиот Југ.
Таа не се сомнева дека растот на нивото на морето е егзистенцијална закана, но е длабоко загрижена за начинот на кој би можело да се спроведе преселувањето.
„Воопшто немам доверба дека властите ќе покажат разбирање за црнечкото население… гледам што ни направија по Катрина“, рече Рајт.
Таа стравува дека генерации Афроамериканци ќе мора да почнат од нула „затоа што нема да имаат ништо ако им биде одземена земјата“.
Засега, меѓу носителите на одлуки нема голема подготвеност сериозно да се размислува за преселување, признава Торнквист.
Имало обиди да му се купи време на регионот. Во август 2023 година почна голем проект за пренасочување наноси со цел обновување на мочуриштата и заштита на југот на Луизијана од бури и раст на нивото на морето.
Но во 2025 година проектот го укина републиканскиот гувернер на Луизијана Џеф Лендри, повикувајќи се на високите трошоци и штетата за рибарството.
Авторите на студијата оценуваат дека таа одлука „практично значи откажување од големи делови од крајбрежна Луизијана, вклучително и подрачјето на Њу Орлеанс“.
Торнквист и Кастро нагласуваат дека нивната студија не е само мрачна прогноза.
Внимателно планираното преселување би можело да биде можност Њу Орлеанс да стане предводник во одржливиот развој и обновата на крајбрежните подрачја.
„Морето можеби тука ќе ја голтне земјата порано отколку на други места“, рече Торнквист, „но тоа што сега се случува овде, ќе се случува и на други места.“






