Во првата, дебитантска фестивалска вечер, посветена на новата генерација пејачи, публиката имаше можност да слушне 13 нови композиции и изведувачи, меѓу кои и баладата „Сите ѕвезди паѓаат“ во изведба на младата Анастасија.
Песната е резултат на долгогодишното пријателство и соработка меѓу Анастасија и Марија Спасовска, која стои зад текстот и музиката. За аранжманот беа задолжени Дарко Андонов и Кире Јакимов.
Анастасија моментално е студентка на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а музиката е нејзината голема љубов, на која ѝ го посветува секој слободен миг. Таа активно посетува часови по пеење кај професорката Андријана Јаневска.
Нејзиниот музички пат почнал уште во детството, кога беше дел од детскиот хор Златно славејче, каде што имаше забележителни настапи. Многумина сè уште се сеќаваат и на нејзиниот симпатичен настап со Влатко Илиевски во песната „Роденден“, која со години е неизоставен дел од детските родендени и забави.
За Анастасија, настапот на дебитантската вечер на Макфест претставува остварување на долгогодишен сон. Со години ги следела настапите на поискусните колеги, свесна дека токму овој фестивал бил почетна точка за многу познати македонски музички имиња.
Како што вели, настапот пред многубројната публика бил исполнет со возбуда, но и огромна среќа поради успешното претставување.
Во меѓувреме, објавен е и нејзиниот прв видеоспот за песната „Сите ѕвезди паѓаат“, кој младата пејачка со голема радост го сподели со публиката.






