вторник, 26 мај 2026

Фискалната стратегија ќе обезбеди стабилни финасии, тврди власта, опозицијата обвинува дека е заснована на претпоставки

Обезбедување одржливи и стабилни јавни финансии на среден и долг рок, спроведување постепена и одговорна фискална консолидација преку намалување на буџетскиот дефицит, зачувување на макроекономската и финансиската стабилност во услови на енергетска и ценовна нестабилност, како и создавање услови за одржлив економски раст и зголемување на економската отпорност на идни кризи. Ова се главните цели на фискалната политика поставени во Фискалната стратегија за период 2027-2031 година којашто е подготвена од Министерството за финансии (МФ) и усвоена од страна на Владата, а која денеска беше разгледана на пленарна седница на Собранието.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти МФ, согласно усвоената Фискална стратегија во периодот 2027 – 2031 година, фискалната политика ќе биде насочена и кон создавање предуслови за нов циклус на економски раст преку реализација на висок износ на јавни капитални инвестиции, постепена фискална консолидација и подобрување на управувањето со јавните финансии. Покрај определбата за фискална консолидација и буџетски заштеди, ќе продолжи поддршката на економијата со инвестиции во инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку одржување високо ниво на капитални расходи и зајакнување на транспарентноста и отчетноста.  Истовремено, планирано е спроведување дисциплинирана фискална политика која всушност ќе значи намалување на несуштинските расходи со цел јавните средства да се користат поефикасно и поцелисходно.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во образложението на документот пред Собранието истакна дека во периодот 2027 – 2031 година, даночната политика ќе се базира на намалување на сивата економија и поголема наплата на средствата во државниот буџет, преку зголемена дигитализација и воспоставување ефикасен даночен систем со цел секој праведно и на праведен начин да ги плаќа своите даночни обврски.

„Политиката на управување со јавен долг ќе биде насочена кон обезбедување на неопходните средства за финансирање на буџетскиот дефицит, за отплата на долговите што достасуваат како резултат на задолжувањата од претходните години и за проектно финансирање, без притоа да се предизвика неоправдано зголемување на долгот до ниво кое може да ја загрози стабилноста на економијата и економскиот раст на државата“, порача заменик-министерот.

Пратеничката група на СДСМ нема да ја поддржи фискалната стратегија 2027 – 2031. Како што истакнаа денеска пратениците Фатмир Битиќи и Сања Лукаревска во рамки на општиот претрес, наместо да се потпира на структурни промени, стратегијата базира на претпоставка дека БДП ќе расте побрзо од задолжувањето и не нуди одговор на прашањето – како ќе се амортизираат идните ценовни шокови. Според СДСМ, стратегијата е индиректно признание дека претходните проекции на Владата биле нереални.

„Пред нас е документ кој го нормализира отстапувањето на Владата од Законот за буџети, кој треба да ја ограничи политичката самоволност во трошењето на јавните пари. Се соочуваме со институционализирање на дефицитот како нормална состојба. Според најновите податоци од фискалниот бројач, заклучно со 21 мај, приходите изнесуваат 135,432 милијарди денари, односно 36,12 отсто од планот, додека расходите изнесуваат 165,599 милијарди денари, односно 39,98 проценти од планот. Разликата меѓу приходите и расходите веќе изнесува 30,167 милијарди денари. Ако годишно планираниот дефицит е 39 милијарди денари, тогаш до 21 мај се реализирани речиси 77 отсто од годишниот буџетски дефицит. Со овие бројки стратегијата не нуди решенија за фискалниот ризик. Владата тешко може да ја продава приказната дека фискалната состојба е стабилна и под контрола и се обидува да ја релативизира фискалната реалност. Во регионален контекст, Македонија е веќе меѓу позадолжените економии, а стратегијата не покажува движење кон суштинско раздолжување. Стратегијата не зборува никаде како ЈПДП преговара за нов долг од 300 милиони евра со домашните комерцијални банки иако јавноста ќе го дознае тоа наскоро. Македонија заслужува фискална стратегија што ќе ја гради иднината, а не што ќе ја задолжува. Од економски, политички и вредносни причини нема да ја поддржиме“, нагласи Битиќи.

Дополни и дека според фискалната стратегија за 2026 година, врз основа на постоечките буџетски проекции, се предвидуваат приходи од 374,9 милијарди денари, расходи од 414,2 милијарди денари и буџетски дефицит од 39,2 милијарди денари, односно 3,5 отсто од БДП.

На тоа реплицираше заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, според кој, СДСМ нема кредибилитет да и држи предавање на оваа Влада која, како што рече, шест квартали по ред обезбедува три отсто раст на БДП во просек.

Лукаревска оцени дека во јавниот долг се нудат оптимистички проценки, но намалувањето не се темели на драматично кратење на расходите, на суштински структурни реформи, туку на претпоставки дека БДП ќе расте побрзо од задолжувањето.

„Капиталните инвестиции имаат слаб степен на реализација, а тековните расходи – плати, субвенции, трансфери, постојано растат и се создава модел во кој државата се задолжува за да ја одржува потрошувачката, наместо да генерира долгорочен развоен ефект. Фискалната стратегија остава впечаток дека државата не планира суштинско наламување на зависноста од задолжување, туку само се надева дека економскиот раст ќе биде доволен за долгот да изгледа статистички помал, а надежта не е кономска политика“, потенцира пратеничката.

Ззаменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, посочи дека фискалната стретегија е резултат на одговорното, домаќинско и чесно работење на Владата, а ја изготвиле најкомпетентните луѓе од сферата на економијата и финансиите.

„Пред вас е документот – резултат на одговорното, домаќинско и чесно работење на Владата. МФ го изработи со најкомпетентните луѓе од Министерството, академската фела и МАНУ, како и со колегите од Фискалниот совет. Кој пример сте вие да и кажувате на оваа Влада што обезбедува шест квартали по ред економски раст во просек од 3 отсто раст на БДП кога од 2017 година до втор квартал од 2026 двојно го зголемивте јавниот долг со просечен раст од 1,9 отсто? Што обезбедивте вие со двојното зголемување на јавниот долг за граѓаните? Додека бвете на власт на терен беше нула, а сега поминете, видете како е – патишпта, железница, реконструкција на студентски домови, училишта,… Оваа Влада  е максимално посветена на капиталните инвестиции и не плаќа глупости како солидарен данок, сега го враќаме за некои грешки што сте ги правеле во минатото. Имаме конкретни бројки на кои се гордееме, а тежнееме кон уште поголлем економски раст, и на БДП и на животниот стандард на граѓаните“, истакна Јанкуловски.

МИА

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ