Сведоци бевме на соопштенија од управата на Филозофскиот факултет, на изјави од актуелниот декан, проф.д-р Оливер Бакрески. Министерката Весна Јаневска, речиси од секој нејзин настап со задоволство известуваше за неправилностите кои се утврдени на овој факултет, при што редовно го споменуваше и Јавното обвинителство. Овој однос и јавен настап на министерката, покажува колку таа како патолог има разбирање за презумпцијата на невиност, колку нејзините советници и пред сѐ правници во министерството ѝ укажале како да дава изјави, кои термини да ги користи за да не навлезе во кал од каде тешко ќе излезе. Еве компаративно, би ја пофалил претседателката проф.д-р Гордана Сиљановска Давкова која во врска со информациите за наводна шпиунска афера во нејзиниот кабинет, многу темелно и издржано упатува на приниците на кривичната постапка, нејзината тајност (истрагата) и посебно на презумцијата на невиност.
Напротив, министерката во нејзините изјави всушност како да влезе во обвинителско сценарио и сугерираше дека открила скандал и тој трофеј навистина ќе ја следи долго време. Зошто, една министерка, една професорка, една госпоѓа се одлучи наместо афирмативен пристап, да прифати негативистички пристап во кои речиси секој нејзин настап сензационалистички беше дочекуван во јавноста, не ми е јасно!
Но, да се навратам на Филозофскиот факултет.
Анализата на Правилникот за условите, критериумите, правилата и постапката за запишување и студирање на прв циклус (додипломски студии) и втор циклус студии (постдипломски студии) на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје од 2018 година, покажува дека постои разлика во одредбите во зависност од тоа дали се работи за прв или втор циклус студии. Согласно член 2 од овој правилник, запишувањето на студенти на прв и втор циклус студии се врши согласно одредбите од Правилникот и Конкурсот за запишување на студенти на прв и втор циклус.
Во член 11 од Правилникот кој се однесува на конкурсната комисија на единицата се наведува дека: секоја единица на универзитетот која има студиска програма за која е распишан конкурс за запишување нови студенти, должан е да формира своја конкурсна комисија, пред објавувањето на конкурсот за запишување нови студенти. Членовите на конкурсната комисија се избираат од страна на наставно-научниот совет на единицата, од редот на наставниците. Со комисијата раководи продеканот за настава. Конкурсната комисија се грижи за реализација на постапката за пријвување и селекција на постапката за пријавување и селекција на кандидатите во согласност со одредбите содржани во конкурсот за запишување студенти. Конкурсната комисија на единицата е должна тековно да доставува податоци за текот на постапката за пријавување, селекција и запишување нови студенти до Универзитетската студентска комисија. Конкурсната комисија на единицата има обврска да подготви извештај за резултатите од запишувањето, кој го доставува до наставно-научниот совет на единицата.
Во наведениот Правилник пропишано е дека во постапката за запишување на студенти на втор циклус студии соодветно се применуваат одредбите од член 6-9 и член 13 од овој правилник. Овој член упатува на фактот дека запишување, селекција на студенти за втор циклус на студии се врши без никаква улога на деканот, продеканот, иако тие како наставници се членови на наставно-научниот совет на факултетот и учествуваат на седниците на кои се одлучува за распишување на конкурс за запишување на прв и втор циклус на студии. Оттука, во јавноста се добива впечаток дека за запишување на студенти на втор циклус студии не постои конкурсна комисија, членовите на таа комисија сами се назначуваат, за тоа не одлучува наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет? И да постои колегиум за селекција и запишување на студенти на втор циклус на студии, овој колегиум сам не се назначува, ниту пак, истиот не е нормално да не доставува извештај за запишани студенти до наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет. Не е нормално ниту, деканот и продеканот како членови на наставно-научниот совет воопшто да не се запознаени со условите за распишување на конкурс за запишување на студенти итн.
Оттука, очекувано е во јавноста да се постави прашањето за одговорноста на оние кои раководат со наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет за оваа постапка? Јавниот интерес е поширок од секој интерес и затоа прашањата и укажувањата за определена одговорност е демократски чин.
Оттука, нејасно е зошто во една демократска држава кога ќе се праша или постави прашањето за одговорноста на носителите на функции веднаш се упатуваат закани за тужби за клевети, навреди итн. Големината на една личност, една академска личност е јавна дебата за соочување на фактите и објаснување на состојбите. Функцијата има и елемент на отчетност и објаснување на јавноста за одредени прашања, а кога тоа нема да се случи, тогаш на сцена настапува новинарското истражување и вклученост на експертите (каде и јас имам удел) за потребата од јавен повик, а не јавен линч против кој било за поставување на прашање за сомнеж за одредени неправилности.
Да се сомневаш значи дека постоиш! А дека имало неправилности, со свои аргументи во јавноста излезе и министерката. После нејзините серизони обвинувања и поништувања на дипломите и уверенијата, како и прекин на докторските студии, очекувано е да се постави и рамката за тоа која е улогата на деканот и продеканот за состојбите во врска со сериозните обвинувања на министерката. Значи, да бидам јасен, на деканот и продеканот не им смета тоа што е прекршена презумпцијата на невиност од страна на министерката и јавно ги жигоса, туку им смета тоа што ги споменав на тв емисија и јавно побарав да се испита одредено работење. Кога се пријавува еден криминал, не значи дека пријавителот е амнестиран заради доброто поведение на пријавување. Напротив, треба да се истражи од кого се потпишани уверенијата за дипломирање, дипломите, договорите за студирање… Дури после тоа може да се суди. Јас никому не сум наштетил со моите изјави, напротив, се трудам да ја подигнам свеста кај поедини функционери за добро владеење.
Ѓорѓи Илиевски,
виш државен просветен инспектор во пензија











