Локалните власти во Бихенхаут, во северниот дел на Белгија, соопштија дека околу 8 часот по локално време се случила „тешка сообраќајна несреќа“. Фотографиите од местото покажуваат комби превртено на страна покрај железничката пруга.
На прашање дали несреќата била последица на човечка грешка, портпаролката на полицијата Ан Бергер изјави дека „е прерано да се каже што било“.
Меѓу загинатите се двајца ученици на возраст од 12 и 15 години, 27-годишен придружник и 49-годишниот возач на комбито, изјави Лиса де Вилде, портпаролка на јавното обвинителство.
Уште пет деца биле тешко повредени, но нивната состојба е стабилна и се наоѓаат во болница.
Отворена е истрага за причините за несреќата, а на случајот работат сообраќаен експерт и форензички тим, соопштија локалните власти.
Иако истрагата е во рана фаза, потврдено е дека рампите на железничкиот премин биле спуштени и дека црвеното предупредувачко светло работело во моментот на судирот.
Белгиската министерка за правда Анелис Верлинден на Икс напиша дека во несреќата учествувал училиштен автобус, додека локалните медиуми објавија дека превезувал ученици од блиско училиште за специјално образование.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, изјави дека е „скршена од болка“ поради несреќата.
„Моето најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и нивните најблиски“, напиша таа.






