Универзитетските светски рангирања последниве години стануваат една од најчесто споменуваните теми во јавните дебати за високото образование. Shanghai Ranking (ARWU), Times Higher Education, QS, Scopus, Webometrics, сите тие сѐ почесто се користат како мерка за квалитетот и меѓународната позиција на универзитетите. Оттука, во Македонија, сосема оправдано, се отвора прашањето зошто нашите универзитети стагнираат или паѓаат на овие листи и што е потребно за да се подобри нивната позиција?
Но, токму тука започнува и најголемата дилема. Дали рангирањето на универзитетите навистина може да се подобри со едноставно законско зголемување на бројот на трудови со импакт фактор? Дали е доволно да се каже „објавувајте повеќе“, за универзитетите автоматски да станат поконкурентни? Или, пак, зад секој вистински академски подем стои многу подлабок и посложен процес?
Неспорно е дека Македонија има потреба од подигнување на квалитетот на научната продукција. Со години во академскиот систем се создаваше пракса каде што дел од напредувањата се темелеа на формално исполнување критериуми, преку трудови објавени во маргинални списанија со ограничено научно влијание. Затоа, легитимно е барањето за повисоки стандарди, во смисла на повеќе трудови во релевантни меѓународни списанија, подобри истражувачки проекти, поголемо присуство на сериозни меѓународни конференции, посилна научна соработка и поголема меѓународна видливост.
Но, исто толку важно е да се разбере дека науката не може да се сведе на механичко производство на индикатори.
Денес, во светот веќе постои цела индустрија околу академското публикување – посреднички агенции, комерцијални услуги и различни модели што нудат „помош“ за објавување во индексирани списанија. Формално, бројот на трудови може да се зголеми. Но суштинското прашање е дали со тоа навистина се создава посилна наука, поквалитетен универзитет и поголем општествен импакт?
Светските рангирања не се еднодимензионални. Shanghai Ranking доминантно го мери истражувачкиот перформанс и цитираноста, но Times Higher Education ги вклучува и наставата, меѓународната соработка, академската репутација и влијанието врз општеството, слично и кај QS. Webometrics ја анализира дигиталната видливост, интернет просторот и отвореноста на универзитетите. Тоа значи дека рангирањето не е само резултат на бројот на публикации, туку производ на целокупниот институционален капацитет.
Во таа смисла, интересен е примерот со Србија и Хрватска. Универзитетот во Белград веќе подолг период успева да се позиционира меѓу првите 500 универзитети на Shanghai Ranking, а во одредени научни области и многу повисоко. Но, тој резултат не е производ само на административна обврска за објавување трудови. Србија со години инвестира во научни институти, национални истражувачки фондови и меѓународни проекти, а Универзитетот во Белград има акумулирано силна истражувачка инфраструктура и научни мрежи. Во анализите за неговото позиционирање постојано се потенцираат цитираноста, континуитетот на научната работа и интернационалната соработка.
Од друга страна, Универзитетот во Загреб е позициониран во QS и THE рангирањата како универзитет што комбинира истражување, силна наставна компонента и меѓународна ориентација. Особено е значајно што хрватските политики во последните години сè повеќе се усогласуваат со европските политики за research assessment, отворена наука и квалитативно вреднување на истражувањето. Истовремено, Универзитетот во Загреб останува и најголемата наставна институција во државата, со силен фокус на академската заедница, студентите и долгорочниот институционален развој.
Токму тука лежи важната поента за Македонија – ниту Србија ниту Хрватска не напредуваат на ранг листите само поради бројот на трудови. Нивното позиционирање е резултат на пошироки научни екосистеми, кои се состојат меѓудругото од истражувачки институти, меѓународни партнерства, инфраструктура, проекти, институционална традиција и континуирано вложување во научниот кадар.
Интересен е и примерот со Косово. Универзитетот во Приштина последниве години бележи постепен напредок на Webometrics и присуство во THE рангирањата, при што во Webometrics континуирано ја подобрува својата позиција и се профилира како највидлив универзитет на албански јазик. Но, и таму подобрувањето не се сведува само на бројот на публикации. Самите анализи на рангирањата покажуваат дека значајна улога имаат дигиталната видливост, меѓународната соработка, отвореноста, присуството на научните резултати на интернет и поширокиот институционален развој. Особено е важно што и во косовскиот контекст, паралелно со научната продукција, се зборува за интернационализација, привлекување странски студенти и јакнење на академската заедница како дел од стратегијата за развој на универзитетот. Тоа уште еднаш покажува дека искачувањето на ранг листите не е резултат на еден административен услов, туку на поширок процес на институционално јакнење.
Од друга страна, во европските дебати, сè почесто се отвора прашањето дали рангирањата навистина можат целосно да ја измерат суштинската вредност на универзитетот. Токму затоа, европските академски политики последниве години предупредуваат на опасноста од сведување на науката на сурови квантитативни индикатори. Coalition for Advancing Research Assessment (CoARA) и DORA (San Francisco Declaration on Research Assessment) отворено укажуваат дека импакт факторот, h-index и бројот на публикации не смеат да бидат единствени мерки за вредноста на науката и универзитетите. Наместо тоа, сè повеќе се инсистира на пошироко и поквалитативно разбирање на научниот придонес, кое ги вклучува наставата, општественото влијание, иновациите, меѓународната соработка и вистинскиот интелектуален импакт. Значи се оди чекор понатаму од само квантитативни бројки.
Во таа смисла, особено важно е и прашањето за наставната дејност. Универзитети што немаат квалитетна настава, мотивирани студенти, функционални академски заедници и силна внатрешна култура, тешко може долгорочно да создава и врвна наука. Наставата и истражувањето не се спротивставени сфери – тие се меѓусебно зависни.
Дополнителен проблем е што дел од актуелните законски решенија создаваат асиметрија во системот. Обврската за IF трудови најсилно се поставува врз младите кадри, додека редовните професори остануваат релативно изземени од истиот интензитет на притисок. Тоа отвора сериозна дилема дали така се гради одржлива истражувачка култура или се создава дополнителен товар врз генерациите што допрва треба да ја носат иднината на универзитетите?
Важно е да се потенцира дека научната продукција не е прашање само на индивидуален напор. Таа е резултат на целиот универзитетски екосистем. Ако младите истражувачи се преоптоварени со администрација и настава, ако нема доволно фондови за наука, ако нема лаборатории, меѓународни партнерства и поддршка за развој, тогаш барањето за повеќе публикации ризикува да произведе само квантитет без суштински квалитет.
Многу е штетно доколку универзитетите се сфатат преку логиката на проект со „чекирање“ реализирани пакети и исполнети бројки. Токму напротив. Тој е жива и сложена институција што создава знаење, образува генерации, развива критичка мисла, гради научни заедници и создава општествена вредност. Вистинскиот научен развој не настанува преку административна принуда, туку преку академска култура, автономија, стабилно финансирање, меѓународни мрежи, истражувачка инфраструктура и долгорочна поддршка за младите истражувачи.
Затоа, суштинското прашање за Македонија не е само како да се подобри позицијата на универзитетите на светските листи. Прашањето е каков универзитетски систем сакаме да изградиме.
Доколку навистина сакаме универзитетите да напредуваат и да се искачуваат на светските рангирања, тогаш фокусот мора да биде на подлабок квалитативен развој, сериозни инвестиции во наука, јакнење на наставата, создавање вистинска истражувачка култура, поддршка за младите кадри, интернационализација, подобро управување и поголема академска автономија.
Ранг листите се важен индикатор. Но тие не смеат да станат цел сама по себе. Зашто вистински силните универзитети не се создаваат со „чекирање“ бројки, туку преку долгорочно градење на знаење, кредибилитет, научен импакт и академска суштина. Потребна е похрабра јавна дебата околу ова и заеднички договор за каква високообразовна – а со тоа и општествена, иднина сакаме.
Катерина Климоска
(Авторката е истражувач во областа на меѓународните односи, европските студии и геополитиката и ЕУ експерт за високо образование и научноистражувачка дејност.)











