Очекуваниот животен век во Јужна Кореја брзо расте, со огромен скок од 7,94 години помеѓу 2000 и 2021 година, според Светската здравствена организација.
Тогаш очекуваниот животен век бил проценет на 83,8 години – поточно 86,7 за жените и 80,7 за мажите. Она што Јужнокорејците го прават правилно – и што другите можат да научат кога станува збор за долговечноста – се сведува на навики што можете да ги усвоите веднаш, пренесува Си-ен-ен.
Повеќе зеленчук за сите возрасти
Кога новинарката Кара Свишер посетила едно јужнокорејско училиште за време на ручекот, рекла дека била изненадена од она што го видела на послужавниците на учениците: ролат од зелена салата, салата од ротквица и власец, кимчи и сезонско овошје. Тоа не е нужно она по што би посегнале нејзините деца.
„Но, во текот на школувањето, корејските деца добиваат бесплатен ручек на училиште, кој е прилагоден и на исхраната и на образованието“, изјави училишната нутриционистка Јеонџу Ким.
Во 2023 година, извештај на американскиот Центар за контрола и превенција на болести покажал дека речиси половина од децата на возраст од една до пет години не јадат зеленчук секој ден, а една третина не јадат овошје секојдневно, според анкета спроведена меѓу родители.
И проблемот не е само кај пребирливите деца – тој продолжува и во зрелата возраст. Речиси половина од возрасните Американци се хранат неквалитетно, покажало истражување од 2025 година. Квалитетот на нивната исхрана бил проценуван според основниот диететски индекс на Американското здружение за срце, кое фаворизира исхрана богата со овошје и зеленчук, интегрални житарки, здрави протеини и масти, со минимално количество преработена храна.
Таквите начини на исхрана, вклучувајќи и медитеранската диета, се поврзуваат и со подолг живот и со помал ризик од когнитивно опаѓање во подоцнежните години.
Активност од сите видови
Кога станува збор за проучувањето на јужнокорејските „супер-стари“ лица – постари луѓе чии когнитивни способности се на исто ниво со оние на луѓе децении помлади – најважните фактори на животниот стил вклучуваат физичка активност, социјален контакт и нови, предизвикувачки активности“, изјави д-р Геон-Ха Ким, невронаучник од Медицинскиот центар на Универзитетот Ева во Сеул.
Барајќи лекции за активен живот, Свишер разговараше со ѕвездата на социјалните мрежи позната како „корејска баба“, Парк Мак-Рај. Оваа 79-годишна жена споделува рецепти за здрава храна, рутини за нега на кожата и вежби преку интернет. Овие елементи, заедно со блискиот круг пријатели, се клучни за нејзиното здравје, рече Свишер.
Податоците за сите облици на активност се јасни.
Редовното вежбање што го забрзува срцевиот ритам и дишењето е поврзано со намалување на ризикот од предвремена смрт за дури 40 проценти. Луѓето кои страдаат од осаменост и социјална изолација имаат 32 проценти поголем ризик од предвремена смрт од која било причина, покажало истражување од 2023 година. А занимавањето со уметност и култура би можело да го забави стареењето, според студија објавена оваа недела.
„Цел ден сум со пријатели и се смеам. Нема место за болести“, рече Парк.
Проактивна грижа за здравјето
Една работа што особено се разликува во Јужна Кореја е здравствениот систем. Голема разлика е фокусот на третманот и превенцијата, рече Хјун Шин, новинарка на Франс прес која известува за социјални, политички и културни прашања во Јужна Кореја.
Се води грижа за превенцијата и вообичаено е често да се посетуваат лекари, без разлика дали е настинка или болка во грбот, објасни новинарката. А тоа е полесно во земја каде што здравствената заштита е достапна.






