Според синдикатот, вработените во ЈСП особено возачите реагираат на распоредите за работа за верски празници, а проблеми со кои се соочуваат вработените се и неисплатата на плати за време на празник и прекувремена работа.
„Целта е да се избегнат ситуации во кои работниците би биле принудени да ангажираат адвокати за да ги остварат своите права, имајќи предвид дека веќе постојат бројни тужби против ЈСП. Во изминатиот период, јавноста беше информирана за судските постапки, а, нивниот број можно е да се зголеми поради игнорирање на барањата од страна на раководството“, истакнаа од синдикатот на денешната прес-конференција пред просториите на Трудовиот инспекторат.
Од Инспекторатот, како што посочија, ќе побараат вонреден инспекциски надзор со цел да се утврдат состојбите во претпријатието.
„Доколку плаќањето на верските празници е согласно закон, не би постоел проблем, меѓутоа според сознанијата, постојат бројни предмети пред судовите, а дел од нив веќе имаат пресуди, кои укажуваат дека празниците не се евидентираат и не се исплаќаат согласно Законот за работни односи. Според достапните информации, повеќе адвокати работат на стотици предмети поврзани со правата на вработените во ЈСП. Дел од нив се однесуваат и на дискриминација, бидејќи значителен број вработени од муслиманска вероисповед сметаат дека се ставени во нерамноправна положба“, велат од синдикатот.
Оттаму апелираат да се надминат овие состојби без судски постапки, преку дијалог и почитување на законските одредби. Во спротивно, предупредуваат дека ќе следуваат нови тужби.
МИА






