На овој состанок во Шандонг, Македонија ја претставуваше потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ , кој прв имаше обраќање на сесијата, на која покрај кинеските домаќини, учествуваа и високи владини претставници од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина.
„Особена чест е што денес сме дел од седмиот состанок на локалните лидери на Кина и земјите од Централна и Источна Европа, под мотото ‘Заедно ја обликуваме индината’. Токму оваа порака ја отсликува суштината на современото време, во кое партнерствата, меѓусебната доверба и економската поврзаност се клучни за стабилен и одрѓлив развој… Во свет кој се соочува со бројни предизвици, соработката не е избор – тоа е неопходност. А токму платформата за соработка меѓу Кина и земјите на Централна и Источна Европа претставува пример како преку дијалог, почит и заедничка визија може да се создаваат нови можности за сите. Македонија ја гледа Народна Република Кина како значаен економски партнер и пријателска земја со која постои простор за понатамошно продлабочување на соработката, особено во областите на инфраструктурата, инвестициите, технологијата, туризмот, образованието, културната размена, земјоделието“, истакна вицепремиерот во своето обраќање на конференцијата во Шандонг, Кина.
Освен тоа, Стоилковиќ ја истакна својата увереност дека периодот што претстои треба да биде период на поинтензивна економска комуникација меѓу Македонија и Кина, посилно поврзаување меѓу градовите и компаниите на двете земји, како и отворање нови можности за странски инвестиции во заеднички проекти, кои ќе донесат конкретни придобивки за граѓаните на двете земји.
„Убеден сум дека токму локалната и регионалната соработка може да биде двигател на нов развоен циклус – затоа што најсилните врски секогаш започнуваат меѓу луѓето, градовите и заедниците. Денес, повеќе од кога било е потребно да градиме цврсти мостови на пријателство, доверба и економска соработка. Веруваме дека е време овие односи дополнително да се зацврстат и да прераснат во едно вистинско пријателство меѓу нашите народи и држави – пријателство зановано на заемна почит, стабилност и заеднички развој“, порача во вицепремиерот Стоилковиќ на економската конференција во Кина.
На оваа конференција, на која земјите – учеснички, односно нивните економии имаат можност да се претстават со производи од различни стопански области, Македонија беше застапена само со еден штанд со вината „Далвина“. Соседните земји од регионот пак се претставија со повеќе штандови и различни производи.

Покрај конференцијата со претставниците на земјите од Централна и Источна Европа, на „Неделата на меѓународна соработка и размена на Шандонг и пријателските градови“, се одржуваат и сесии со земји од Африка, Азија Евроазискиот регион, но и со компании од Северна и Јужна Америка.

Шандонг е провинција во Кина што се гордее со својата робустна економија и богатството со природни ресурси, односно присуство на 149 откриени минерали. Се гордеат што од гигант во челичната индустрија, регионот се трансформирал во пионер во индустријата за вселенска технологија. На конференцијата беше истакнато дека Шандонг е отворен и инклузивен регион, кој е препознаен како една од провинциите во Кина со најдобра бизнис-средина. Во 2025 година, регионалниот БДП на Шандонг, изнасувал 1,49 трилиони американски долари.
За Мкд,мк од Шандонг, Кина – Јасминка Павловска






