вторник, 26 мај 2026

Фетаи по повод Курбан бајрам: Нема големи дела без големи жртви

По повод утрешниот празник Курбан бајрам честитка до верниците од исламска вероисповед упати поглаварот на ИВЗ, Реисул Улема, Шаќир Фетаи.

Објавено на

часот

Сподели

„Со желби возвишениот алах да ги прими нашите жртви, курбани и молитви, наградувајќи нè со неговата милост и безгранични благодати, денес, со срце и душа, го очекуваме големиот празник Курбан бајрам, празник што го означува извршувањето на обврската хаџ, обврската на принесување курбан, како и деновите во кои светиот Куран беше објавен за да биде упатство за целото човештво и за сите времиња. Во деновите на овој празник, милиони верници, со непоколеблива вера и висока свест, ја извршуваат обврската хаџ за да го исполнат петтиот столб на исламот сведочејќи во пракса за силата на верата и нивната посветеност кон возвишениот Господ со зборовите, ‘и се одѕиваме, господару наш, ти се одѕиваме!’. Навистина, денес во благословената Каба, во долината Арафат и на другите свети места, верниците сведочат дека нивната цел е љубовта кон алах, кон самите себе и кон човекот. Во благословената Каба тие ја примаат пораката дека човештвото потекнува од еден маж и една жена, што ја подига свеста за еднаквоста во сите сфери на животот, за побожноста, почитта, човечноста и развојот во служба на човекот“, вели Фетаи во честитката.

На овој голем ден, како што посочува, верниците со задоволство ја извршуваат божествената обврска на принесување курбан сведочејќи во пракса дека богатството е дар од Бога и дека тоа не е цел на животот, туку средство за постигнување на неговите цели: верата, грижата за себе, за човекот, за сиракот, за сиромавиот, за знаењето и за човечката благосостојба.

„Ова го потврдува големиот исламски принцип дека нема големи дела без големи жртви и дека доброто се постигнува со жртвување, дури и на најмилото што човекот го поседува. Затоа празникот Курбан бајрам преку курбанот гради конструктивна, умерена и мудра личност, посветена на доброто, солидарна, мирољубива и во секој момент внимателна за општото добро“, потенцира Фетаи.

Тој во честитката вели дека овој празник го прави верникот свесен да ги оттурне од себе омразата, љубомората, агресивноста, потценувањето, дискриминацијата и поделбите.

„Тој симболизира висока свест за создателот, грижа за здравото семејство, блискост меѓу луѓето, мудрост во постапките, љубов кон блиските, родителите и семејството, зацврстување на меѓучовечките врски, избегнување конфликти меѓу државите и народите, како и ширење мир, толеранција и солидарност за издигнување на поединецот, семејството и општеството во целина. По повод овој голем празник, ја користам оваа можност во име на Исламската верска заедница на РСМ и во мое лично име да ви ги упатам најискрените и најсрдечни честитки до сите верници, нашите семејства, како и до нашите сонародници каде и да живеат. Честит Курбан бајрам!“ – истакнува Фетаи во честитката. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ