„Ние сме техничка професија, која е регулирана, што значи дека постојат јасни правила и стандарди за тоа како треба да се однесуваме, како да градиме и како да проектираме. Меѓутоа, и покрај тоа, се случуваат случаи како неодамнешниот – повторно затрупување градежна јама, што е краен сигнал дека мора да се преземат сериозни мерки“, изјави Јосифовски пред настанот „Од амфитеатар до реализација – од студент до менаџер“.
Според него, постојните правила не се доволни за да се спречат вакви ризици.
„Според моето лично убедување, а и по консултацијата со градоначалникот утринава, неопходно е да се пропишат нови процедури и стандарди, кои ќе обезбедат спречување вакви појави во иднина. За среќа, овој пат немаме човечки жртви, но имаме материјална штета и опасност од проширување на проблемот, со можност за оштетување на соседните објекти“, рече тој.
Тој додаде дека по консултацијата со градоначалникот и инспекторот, договорено е Градежниот факултет да излезе на терен и да направи процена за опасноста врз соседните објекти.
„Она што беше договорено во разговорот со градоначалникот и инспекторот е дека најбргу што може Градежниот факултет ќе излезе на терен за да направи процена за опасноста врз соседните објекти и да предложи мерки и понатамошни чекори за интервенција, односно санација“, дополни тој.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, вчера, на улицата Христо Смирненски во општина Центар, при ископ на дупка за изградба на зграда со багер настанало свлечиште на земјата. Машината била затрупана, но возачот навреме успеал да излезе. Од инцидентот оштетени се делови од тротоарот и улицата, паднала бандера, која оштетила возило дачија сандеро.
Во меѓувреме, од Движењето ЗНАМ побараа веднаш да се започне со редовни, но и вонредни инспекциски надзори на сите активни градилишта на територијата на Општина Центар во рок од еден месец, за да се утврдат пропустите.
МИА






