Првиот американски папа, кој го предизвика гневот на американскиот претседател Доналд Трамп откако стана поотворен во своите критики во последните недели, исто така ја осуди „колонизацијата“ на нафтените и минералните ресурси на Земјата, оценувајќи дека се поттикнува крвав конфликт.
„Судбината на човештвото е во опасност да биде трагично загрозена без промена на насоката и преземање политичка одговорност и без почитување на институциите и меѓународните договори“, кажа папата. Во говорот пред претседателот на Екваторијална Гвинеја, Теодор Обијанг Нгуеми Мбасогу и други политички лидери, поглаварот на Римокатоличката црква со 1,4 милијарди верници кажа „Бог не го сака тоа“.
„Неговото свето име не смее да биде осквернавено од волјата за доминација, ароганцијата или дискриминацијата. Пред сè, тоа никогаш не смее да се повикува за да се оправдаат изборите и дејствијата што носат смрт“, кажа папата.
Папата Лео, кој ја посети Екваторијална Гвинеја како дел од последната етапа од амбициозната 10-дневна африканска турнеја, усвои нов, посилен стил на говорење за време на престојот во Африка, изнесувајќи остри осуди на војната, нееднаквоста и глобалното лидерство.
Вчера, на настан во Ангола, тој предупреди дека многу луѓе во светот „се експлоатирани од авторитарни владетели и измамени од богатите“. Коментарите на Лео во кои се жали на употребата на религијата за оправдување на насилството се одраз на неговите изјави од март, кога рече дека Бог ги отфрла молитвите на лидерите чии „раце се полни со крв“.
Конзервативните католички коментатори ги протолкуваа забелешките како насочени против американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој користи христијанска реторика за да ја оправда војната против Иран. Во последните недели, Лео е профилиран како сè погласен критичар на таа војна, истакнува агенцијата Ројтерс.






