недела, 26 јули 2026

Новиот британски премиер: Спремен сум да му се спротивставам на Трамп „ако тоа е добро за Британија“

Британскиот премиер Енди Барнам е спремен да му се спротивстави на американскиот претседател Доналд Трамп доколку оцени дека тоа е неопходно за заштита на британските национални интереси. Тој го изјави тоа во своето прво големо интервју по преземањето на функцијата, нагласувајќи дека британските интереси се негов апсолутен приоритет, објави Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во ексклузивното интервју, кое во целост ќе биде објавено утре, Барнам рече дека нивниот прв разговор поминал добро и дека Трамп бил „навистина срдечен“. Сепак, на директното прашање дали му верува на американскиот претседател, тој избегна да одговори.

„Светот се менува, нели? Очигледно е дека мора да реагираме на ситуациите како што се развиваат“, изјави Барнам.

На прашањето дали ќе му се спротивстави на Трамп ако биде потребно, тој одговори потврдно.

„Секако. Мора да ги браните сопствените национални интереси пред сè друго. Тоа се очекува од вас ако сакате правилно да ја вршите оваа работа“, рече британскиот премиер.

Тој додаде дека не може да ја исклучи можноста во одреден момент неговите ставови да се разликуваат од оние на Трамп или дека ќе мора да застапува позиција што е подобра за Велика Британија.

Барнам исто така изјави дека бил „загрижен“ кога американскиот претседател го започнал конфликтот со Иран и нагласи дека „нема да се воздржи да го каже она што смета дека е исправно“.

Тој рече дека својот пристап го темели на блискоста со граѓаните.

„Мојата сила е во тоа што сум близок до луѓето и до јавноста, а тоа нема да се промени ниту сега кога сум премиер“, рече Барнам.

Премиерот не сакаше да прецизира кога владата ќе почне да издвојува три проценти од бруто-домашниот производ за одбраната.

Тој потсети дека неговиот министер за финансии Џон Хили во претходната влада поднел оставка токму поради тоа прашање, оценувајќи дека земјата нема да биде безбедна ако не се обврзе до 2030 година да издвојува три проценти од БДП за одбраната.

„Го именував новиот министер за финансии целосно свесен за неговите претходни ставови за клучното значење на инвестициите во одбраната. Нашиот прв заеднички предизвик е да обезбедиме планот за инвестиции во одбраната да биде целосно финансиран“, рече Барнам.

На повтореното прашање дали ќе се обврзе на издвојување три проценти од БДП, тој одговори:

„Мора да најдеме начин како да го оствариме тоа.“

Во интервјуто Барнам првпат изречно ја отфрли можноста за предвремени парламентарни избори пред 2029 година.

„Тоа го исклучувам. Мислам дека луѓето не го сакаат тоа“, рече тој, додавајќи дека неговиот фокус е „да ја врати земјата таму каде што ѝ е местото“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ