Ракот на панкреасот е дијагноза со исклучително лоша прогноза, од која само 13 отсто од заболените преживуваат пет години. Уште во почетокот на 1980-тите, научниците открија една клучна слабост — мутираниот протеин КРАС, кој поттикнува агресивен раст и ширење на низа тумори, а кај ракот на панкреасот се покажа како двигател речиси во секој случај, пишува Вашингтон пост.
Проблемот беше во тоа што протеинот КРАС, кој требаше да се блокира, беше рамен и мазен, без никакви пукнатини, жлебови или „џебови“ за кои лекот би можел да се врзе. Научниците го опишуваа како кугларска топка без дупки или како мрсна кугла, а со текот на времето доби статус на „неизлечив“. Но, тоа се смени. За само неколку недели, конвенционалното сфаќање за ракот на панкреасот и за КРАС целосно се преврте.
Во април, биотехнолошката компанија Револушн медисинс објави дека нејзината експериментална таблета дараксонрасиб постигнала досега невиден успех: пациентите живееле 13 месеци, двојно подолго од оние на стандардната хемотерапија. Целосните податоци ќе бидат претставени следниот викенд на собирот на Американското здружение за клиничка онкологија во Чикаго, но регулаторните тела веќе одобрија проширен пристап до лекот додека трае постапката за одобрување.
„Ова е почеток на голем бран промени“
„Ова е почеток на голем бран промени за оваа болест“, изјави Ајлин О’Рајли, онколог од центарот за рак Меморијал слоун кетеринг. Во развој се и други лекови што би можеле да дејствуваат уште подобро, а се отвора и можност овој пристап да се примени во лекувањето на рак на белите дробови и на дебелото црево. За јавноста, овој напредок се случи, како и многу научни револуции, речиси преку ноќ.
Но тој е резултат на повеќедецениска посветена и макотрпна работа во лабораторија. Успехот бараше и храброст од пациенти како Алисон Лак, професорка по уметност, сопруга и мајка на две мали деца, на која во 2022 година ѝ беше дијагностициран рак на панкреасот во четврти стадиум. Нејзиниот сопруг Мајкл Шафрир се присетува на скапоцената година што лекот им ја подарил на нивното семејство.
„Кога ги гледам фотографиите од таа година и ги споредувам со оние од онаа година и пол додека беше на хемотерапија, разликата е огромна. На нив се смее. Повторно можеше да прави работи“, рече тој. „Секој ден што го добивме, во кој можеше нормално да функционира и да се чувствува како човек, беше вистински благослов.“
Лекување на „неизлечивото“
Кога Кеван Шокат, хемиски биолог од Универзитетот во Калифорнија, во 2008 година почнал да го проучува КРАС, научниците веќе со години безуспешно се занимавале со него. Ги предупредил своите студенти дека ќе се обидуваат една-две години.
„Им реков: ‘Ако не најдеме ништо, ќе мора да се префрлиме на други проекти’. Во литературата немаше ништо што ни даваше надеж дека ќе успееме“, се присетува тој.
Неговиот тим се сосредоточил на една специфична мутација на КРАС што предизвикува мал процент од најчестиот рак на белите дробови. Во 2013 година објавиле развој на молекули што успеале да се врзат за КРАС, откривајќи така еден „џеб“ што претходно не бил видлив. Тоа било огромен чекор напред, но се однесувало на многу специфична верзија на КРАС, присутна во само околу еден отсто од случаите на рак на панкреасот.
Во меѓувреме, еден хемиски биолог од другата страна на земјата имал сосема поинаков пристап. Грегори Вердин, професор на Харвард и претприемач, кој во 2012 година ја основал компанијата Ворп драјв бајо, инспирација побарал во природата.
„Во почетокот тоа беше и начин малку да ги испровоцирам луѓето — почнав да држам предавања со наслов ‘Лекување на неизлечивото’ за да ги натерам да не се откажуваат“, рече Вердин.
Неговиот тим забележал дека природата развила генијално решение. Постојат мали молекули што ги произведуваат бактерии и габи, кои се врзуваат за помошен протеин и дури заедно со него создаваат комплекс што може да се „залепи“ за рамни цели како КРАС.
„Еволуцијата овде ни кажува нешто на што треба да обрнеме внимание“, вели Вердин.
Научниците поминале години развивајќи лек, т.н. „молекуларно лепило“, што го имитира тој процес и го блокира КРАС. На скептиците тоа им изгледало лудо, но доказ за успехот се подолгите животи на пациентите.
„Ова се вести што долго ги чекавме. Станува збор за вистински пробив, требаше многу време да се стигне до него“, вели Тајлер Џекс од Институтот за истражување на рак при МИТ.
Само почеток
Алисон Лак имала 40 години кога ѝ бил дијагностициран рак на панкреасот во четврти стадиум, со метастази на црниот дроб. Нејзината ќерка Оливија имала пет, а синот Сем седум години. Живеела во родниот град Вестпорт во Конектикат, во куќата во која пораснала.
По десетина циклуси хемотерапија и други обиди за лекување, во почетокот на 2024 година се вклучила во клиничкото испитување на Револушн медисинс.
Таблетата имала несакани ефекти, како осип, кој исчезнал по два месеци, но го држела ракот под контрола речиси цела година. Тоа беше година што изгледаше нормално, вели нејзиниот сопруг, година во која таа била присутна на начин на кој, поради исцрпувачката хемотерапија, не можела да биде.
Алисон починала во јуни 2025 година. На нејзиното последно испраќање имало 900 луѓе. Нејзиниот сопруг се надева дека нејзината приказна ќе допре до многумина.
„Неизмерно сум горд што беше дел од нешто што во иднина би можело да им помогне на илјадници, па и милиони луѓе“, вели Шафрир.
Пред научниците сега е трескавична работа да одговорат на нови прашања: зошто лекот во одреден момент престанува да дејствува и како да се намали токсичноста? Многумина очекуваат дека, кога лекот ќе почне да се применува како прва линија на одбрана, ефектите ќе бидат уште подобри.
„Во светот на ракот на панкреасот владее возбуда. Имаме лек во форма на таблета со несакани ефекти што можеме да ги контролираме, а пациентите живеат значително подолго. Можеме да им понудиме нешто што им дава слобода да го живеат својот живот, наместо секоја недела да доаѓаат на интравенска хемотерапија“, вели Марк О’Хара, онколог од Универзитетот Пен медисин.
Патот до излекувањето сè уште е долг, но ова е голем почеток.
„Откривањето лекови не е работа за аматери. Потребна е голема понизност“, вели Ченинг Дер, еден од научниците што во 1982 година го открија КРАС како клучен двигател на ракот. „Постоеше догма што постојано се повторуваше. А ова е само почетокот.“






