Американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека американските и иранските преговарачи имаат „прилично цврста понуда на маса“ и дека договор за крај на војната меѓу двете земји би можел да биде постигнат денес, пренесува Би-би-си.
„Сè уште работиме на тоа“, рече Рубио за време на посетата на Индија.
Тој зборуваше откако претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека им наредил на преговарачите „да не брзаат со договорот“, откако претходно навести дека е блиску.
Договорот наводно вклучува продолжување на прекинот на огнот за 60 дена, повторно отворање на Ормускиот теснец и план за продолжување на преговорите за иранската нуклеарна програма.
Денес цените на нафтата нагло паднаа, а азиските берзи пораснаа поради надежите за постигнување договор.
„Сè уште работиме на тоа. Како што реков, мислевме дека можеби ќе имаме некакви вести синоќа. Можеби денес“, рече Рубио во Њу Делхи.
„Значи, имаме нешто што, според моето мислење, е прилично цврста понуда на маса кога станува збор за нивната можност да го отворат теснецот“, рече тој, мислејќи на Ормускиот теснец — клучен поморски пат низ кој минуваат 20 отсто од светската нафта и течниот природен гас, а кој Иран го блокира.
Предупредувајќи дека „не треба да се полагаат преголеми надежи во тоа“, Рубио рече дека „потребно е малку време за да се добие одговор од Иран“.
Си-би-ес њуз, американскиот партнер на Би-би-си, објави дека американските разузнавачки служби веруваат оти иранскиот врховен водач Моџтаба Хамнеи, кој беше ранет во израелски напад првиот ден од војната, се крие на непозната локација, што ја отежнува комуникацијата со неговите пратеници и затоа го забавува темпото на преговорите со САД.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, за викендот рече дека двете страни истовремено се „многу блиску и многу далеку“ од постигнување договор.
Според американските медиуми, можниот договор не е конечно решение, туку остава некои од најтешките прашања за подоцнежни преговори, вклучително обемот и роковите за ублажување на санкциите кон Иран, ослободувањето на замрзнатите ирански средства и барањата на Вашингтон Иран да ги ограничи своите нуклеарни амбиции.
Наводниот договор ги подели републиканците на Трамп, при што некои јавно тврдат дека е премногу благ кон Иран.
Сенаторот Тед Круз рече дека тоа би било „катастрофална грешка“, додека Роџер Викер, претседател на сенатскиот Комитет за вооружени сили, рече дека прекинот на огнот од 60 дена би значел дека „сè што беше постигнато со операцијата ‘Епски бес’ би било залудно!“
Сенаторот Линдзи Греам, близок сојузник на Трамп, исто така го критикуваше секој договор што би оставил впечаток дека Иран е доминантна сила во регионот.
„Поради тоа човек се прашува зошто војната воопшто почна“, рече тој.
Трамп одговори велејќи дека „не слуша губитници, кои критикуваат нешто за што ништо не знаат“.
„Ако постигнам договор со Иран, тоа ќе биде добар и исправен договор“, напиша на социјалната мрежа Трут сошл.
САД и Израел почнаа масовни напади врз Иран на 28 февруари, што предизвика поширок конфликт на Блискиот Исток. Иран одговори со напади врз Израел и држави сојузници на САД во Заливот и фактички го затвори Ормускиот теснец. Тој потег предизвика нагол раст на цените на нафтата низ светот.
Набргу откако во почетокот на април беше договорен прекин на огнот, САД воспоставија блокада на иранските пристаништа, за која Трамп вели дека ќе остане „во полна сила и дејство додека договорот не биде постигнат, потврден и потпишан“.
Во објава на Трут сошл во неделата, Трамп повтори дека Иран „мора да сфати“ дека не може да развива нуклеарно оружје. Техеран повеќепати соопшти дека неговата нуклеарна програма е наменета исклучиво за мирољубиви цели.
Некои извештаи во американските медиуми сугерираат дека договорот би можел да предвиди Иран на крај да се согласи да го предаде својот високо збогатен ураниум.
Се смета дека Иран во почетокот на војната имал околу 440 килограми ураниум збогатен до 60 отсто чистота — што е краток чекор до дополнително збогатување до 90 отсто, нивото потребно за оружје, што теоретски би му овозможило да направи нуклеарна бомба.






