Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој е дел од државно-црковната делегација, во своето обраќање истакна дека делото на светите браќа Кирил и Методиј претставува траен духовен и цивилизациски темел на словенската писменост, култура и идентитет.
„Нашата земја е духовен мост и светилник што со векови го чува пламенот на словото“, порача Љутков, нагласувајќи дека македонското духовно и културно наследство продолжува да живее преку јазикот, уметноста и традицијата.
Тој посочи дека Рим, како град во кој се вкрстуваат цивилизации и духовни традиции, претставува симболично место за оддавање почит на сесловенските просветители, чие дело и денес обединува народи преку вредностите на словото, верата и културата.

Осврнувајќи се на значењето на уметноста, Љутков ја истакна моќта на музиката како универзален јазик што ги надминува границите и ги поврзува луѓето преку емоција и духовност. Според него, ансамблот „Консонанс“ преку својот настап испрати силна порака за културниот континуитет и богатството на македонската традиција.
Чествувањето на Св. Кирил во Рим, државно-црковната делегација, предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши, го започна со аудиенција кај папата Лав XIV, како и со средба со кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар на Светиот Престол.

Во рамки на програмата, во базиликата „Сан Клементе“ беше одржан молебен на гробот на Св. Кирил, а делегацијата ја посети и папската базилика „Санта Марија Маџоре“, каде што беше положен венец на спомен-плочата испишана на македонски јазик.






