понеделник, 25 мај 2026

Победа за Антонели, подиум за Хамилтон во Канада

19-годишниот Кими Антонели ја продолжи доминацијата во Формула 1 оваа сезона откако триумфираше на трката за Големата награда на Канада во Монтреал и ја забележа четвртата последователна победа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Возбудувањата во Канада почнаа уште на самиот старт од трката. Почетокот двапати беше одложуван поради проблемите на Арвид Линблад од Рејсинг булс, кој мораше да се врати во боксот. Антонели и Ландо Норис одлично стартуваа и веднаш го минаа Џорџ Расел, кој стартуваше од пол-позицијата, но возачот на Мекларен уште во третиот круг сфати дека погрешил со изборот на пневматици и мораше во бокс.

Во продолжението двата болида на Мерцедес водеа пред Луис Хамилтон, Макс Ферстапен и Шарл Леклер, а клучниот момент се случи во 30. круг кога моторот на Расел откажа додека беше лидер. Британецот бесно реагираше по откажувањето, а Антонели ја презеде првата позиција со голема предност пред Верстапен и Хамилтон.

Драмата не заврши тука, бидејќи и Норис подоцна се повлече од трката, додека Ферстапен и Хамилтон водеа жестока битка за второто место. Седумкратниот светски шампион конечно успеа да го мине Холанѓанецот во 62. круг и да стигне до својот најдобар пласман по доаѓањето во Ферари. На крајот, Антонели рутински стигна до нова победа, пред Хамилтон и Верстапен, додека Леклер заврши четврти, а Исак Хаџар петти.

Во генералниот пласман прв е Антонели со 131 бод, втор е неговиот клупски колега Расел со 88, следуваат возачите на Ферари, Леклер кој има 75 и Хамилтон со 72.

На табелата на конструктори убедлово на врвот е Мерцедес со 219 бодови, Ферари има 147, Мекларен 106.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ