По средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг, тој им рече на српските медиуми во Пекинг дека има впечаток дека „вратите се широко отворени за успешно продолжување на соработката“.
Истакна дека е горд што го добил Орденот на пријателството на Народна Република Кина, наведувајќи дека досега го добиле 12 луѓе, а само нему и на рускиот претседател Владимир Путин лично им го врачил Си Џинпинг, пренесува Бета.
Додаде дека тој орден го заслужила Србија поради „храброто и чесно држење во современиот свет“.
„Човек работи и се бори за својата земја и тоа ретко се препознава, најчесто сум мета. Доволно е денес да ги прочитате загрепските, подгоричките и сараевските медиуми, кои повеќе не гледаат што е вистина, туку лажат што ќе стигнат и тоа го ставаат на насловните страници. Тоа го прават затоа што им пречи вашата работа, затоа што им пречи што се борите за својот народ, а некои во светот многу поголеми од сите нас умеат тоа да го почитуваат“, изјави тој.
Бета наведува дека орденот што му е врачен на Вучиќ е највисоко државно одликување за странски државјани и дека им се доделува на поединци што дале значаен придонес за соработката со Кина, ги унапредиле односите на Кина со други држави и придонеле за економските, политичките, научните или културните врски.
Додава дека меѓу добитниците на ова признание, востановено во 2016 година, биле и претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев и кубанскиот лидер Раул Кастро.
Вучиќ се соочува со притисок дома поради антивладините протести, вклучително и големиот собир што викендов доведе до судири. Полицијата во саботата во центарот на Белград испука солзавец и се судри со демонстрантите, додека десетици илјади луѓе се собраа барајќи предвремени избори и крај на владеењето на Вучиќ.
Вучиќ и Си по средбата присуствуваа на потпишување на повеќе од 20 договори за соработка, кои опфаќаат области како политиката, трговијата, технологијата и образованието, објави кинеската државна телевизија ЦЦТВ. За време на разговорите Си му рекол на Вучиќ дека нивните земји треба да ги зајакнат размената и соработката за сеопфатното стратегиско партнерство да го подигнат на ново ниво, пренесе Асошиејтед прес.
„Кина ја поддржува Србија во тоа да истрае на развојниот пат што одговара на нејзините национални услови и е подготвена со Србија да ја зајакне размената на искуства во управувањето“, ги цитираше кинеската државна телевизија зборовите на Си.
Си исто така рече дека двете страни треба да ја прошират соработката во областа на вештачката интелигенција, дигиталната економија и зелената енергија за да развијат нови двигатели на растот.
Вучиќ и Си потпишале заедничка изјава за континуирано промовирање и изградба на заедница на Србија и Кина со заедничка иднина во новата ера и заедничка изјава за заедничко унапредување на спроведувањето на четирите глобални иницијативи.
Во заедничкото соопштение што го објави кинеската официјална новинска агенција Синхуа, двете страни наведоа дека државите не смеат да ги политизираат прашањата за човековите права. Додадоа дека двете држави ќе промовираат суверена еднаквост, ќе практикуваат мултилатерализам и ќе го почитуваат меѓународното владеење на правото.
Вучиќ рече дека Србија му придава големо значење на развојот на односите со Кина и цврсто ги поддржува клучните интереси на Кина, објави кинеската државна телевизија ЦЦТВ.
Асошиејтед прес наведува дека Вучиќ настојува да ги сузбие масовните демонстрации што ја потресоа неговата власт, но дека големиот број собрани во саботата покажал дека незадоволството и натаму трае, повеќе од една година откако протестите првпат почнаа со барање одговорност за трагедијата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година.
Агенцијата истакнува дека таа трагедија станала пресвртница за поширокото незадоволство од начинот на владеење во Србија и довела до сè посилни јавни барања за транспарентност во земјата оптоварена со корупција, која спроведе брза низа големи инфраструктурни проекти, главно со кинески компании.
Во авторски текст за кинескиот весник Саут Чајна морнинг пост во неделата, Вучиќ наведе дека Европа треба да ѝ пристапува на Кина со повеќе доверба и подготвеност за соработка, а не со страв и сомнеж.
„Разбирам дека секоја голема политичка заедница мора да води сметка за својата иднина, но верувам дека Европа на Кина треба да ѝ пристапува не со страв и сомнеж, туку со самодоверба и сериозна, отворена подготвеност за соработка“, напиша Вучиќ.






