петок, 14 ноември 2025

Милановиќ: Процесот Брдо-Бриони не е менторство за оние кои не се во ЕУ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денес во Драч изјави дека не го гледа Процесот Брдо-Бриони како облик на менторство на Хрватска и Словенија кон земјите кои не се членки на Европската Унија, туку како форум за рамноправен дијалог и размена на мислења на највисоко ниво.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа е дијалог кој е претпоставка за какви било односи, а особено за добри односи. Дури и ако тоа е неговата единствена цел, тој вреди“, им кажа Милановиќ на новинарите по состанокот на шефовите на државите од Процесот Брдо-Бриони, соопшти неговиот кабинет.

Зборувајќи за темите на состанокот Милановиќ кажа дека не очекува големи заклучоци или нови иницијативи од денешниот состанок, туку отворена дискусија за искуствата и предизвиците со кои се соочуваат земјите од регионот и ЕУ.

„Еден од најголемите проблеми во моментов е неможноста или неподготвеноста на оние кои се вистински или таканаречени европски лидери да разговараат со играчите во светот. Бидејќи околностите се променија и ЕУ повеќе не е силата каква што мислеше дека е до неодамна“, истакна Милановиќ.

Тој нагласи дека Хрватска останува „цврсто закотвена во европската и западната рамка“.

Хрватскиот претседател кажа и дека не ја поддржува иницијативата на одредени земји, како што се Словенија и Германија, некои одлуки на ЕУ повеќе да не се донесуваат едногласно, туку со квалификувано мнозинство.

„Колку што знам, таа иницијатива нема поддршка од хрватската влада, ниту пак ја има мојата“, кажа Милановиќ и додаде дека станува збор за одбрана на малите држави од многу поголемите кои не ги разбираат и не ги гледаат.

Сепак, тој нагласи дека не гледа ништо злонамерно во словенечката идеја и дека германските мотиви се „тема за друг разговор“.

Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар претходно изјави дека Словенија, заедно со Германија, се залага квалификуваното мнозинство да се користи за отворање одредени преговарачки групи или поглавја со цел процесот на приближување на Западен Балкан кон ЕУ да биде побрз и поефикасен.

На тврдењата на унгарскиот премиер Виктор Орбан дека ЕУ е пред колапс, Милановиќ одговори дека ЕУ нема да се распадне.

„Тоа е голем проект во кој е инвестирано толку многу време и пари. Едноставно не можете да го уништите дури и да сакате, а никој од нас не го сака тоа. ЕУ не се распаѓа“, оцени хрватскиот претседател.

Тој кажа дека ЕУ е пред сè слободен пазар и дека „ја прифаќа како многу добра надградба на она што е национална држава, а речиси сите земји во Европа се такви, демократски, отворени, инклузивни“.

„Тие вредности треба да се бранат денес, таква е атмосферата во Европа. Ова никогаш не се вредности што можете да ги пуштите по инерција и да мислите дека ќе траат вечно и дека нема да бидат загрозени. Но, основата на сè се националните држави, а не националистичките држави, не затворените држави, не ксенофобичните држави“, порача хрватскиот претседател.

Милановиќ најави дека следниот состанок на Процесот Брдо-Бриони ќе биде следната година во Хрватска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ