четврток, 14 мај 2026

Кремљ објави видео од Путин како вози автомобил по Москва и се сретнува со некогашна наставничка (ВИДЕО)

Видео-снимка од рускиот претседател Владимир Путин како вози низ Москва и се сретнува со своја поранешна наставничка во лоби на хотел, објавено од Кремљ, се смета за одговор на западните медиуми кои се повикуваат на извештај на една европска разузнавачка служба за тоа дека рускиот претседател со недели се криел во бункери.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Агенцијата Ројтерс пишува дека Кремљ го доведе во прашање потеклото на тие извештаи, објавени пред годишното појавување на Путин на парадата на Црвениот плоштад на 9 мај, по повод Денот на победата над нацистичка Германија во Втората светска војна, во кои се тврдело дека безбедноста на Путин е значително зголемена и дека тој со недели раководел со војната во Украина од подземни бункери од страв од атентат или државен удар.

Руските власти ги отфрлија овие написи како бесмислени, а видеото од Путин, објавено доцна во понеделникот навечер, се чини дека е одговор и на тие тврдења и на долгогодишните критики на некои од неговите критичари дека тој сè повеќе губи контакт со својот народ.

На снимката се гледа опуштен Путин како зад воланот на црн руски кросовер со обезбедување сопира пред хотел во центарот на Москва, влегувајќи во лобито со голем букет цвеќе за да се сретне со една од неговите поранешни училишни наставнички.

Облечен во фармерки и јакна, Путин (73) ја прегрнува својата поранешна наставничка по германски јазик Вера Гуревич (92), која повеќе пати го бакнува во двата образа и му шепоти нешто на уво.

Путин, кој тргнал во училиште во тогашен Ленинград во 1960 година, во вториот кадар од видеото разговара за времето со навидум случаен минувач кој влегува во лобито на хотелот со своето семејство.

На крајот на снимката Путин ѝ помага на својата поранешна наставничка да се качи во неговото возило и ја носи на вечера во Кремљ.

Путин ја поканил наставничката Гуревич на годишната парада на Црвениот плоштад и да остане во Москва неколку дена уживајќи во културната програма, објави Кремљ.

Рејтингот на Путин, кој е на власт како претседател или премиер од 1999 година, падна во последните месеци, но останува висок, според државните анкети. Неговиот сегашен мандат истекува во 2030 година.

Прогнозите за растот на руската економија за оваа година се нагло намалени, а има знаци дека граѓаните се незадоволни од низа свои проблеми, а и од сè поголемата пресметка со интернетот.

Путин во саботата изјави дека смета оти војната во Украина се ближи кон крајот. Само неколку часа претходно, на најмалата парада за Денот на победата, тој се заколна во победа во Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ