Тој нагласи дека на бродовите поврзани со „непријателска држава“ и натаму им е забранет транзитот низ овој клучен поморски премин, пренесе новинската агенција Фарс.
Според агенцијата Тасним, која е поврзана со Револуционерната гарда, меѓу бродовите што поминале во текот на ноќта имало и кинески пловила.
Им бил дозволен транзит по интензивни напори на двете земји, при што блиските билатерални односи и стратегиското партнерство одиграле одлучувачка улога, се наведува во извештајот.
Тасним не го наведе точниот број, туку само соопшти дека „низа кинески бродови“ поминале низ Ормускиот теснец по координација со Иран.
Кина и Иран долго се сметаат за блиски сојузници, на големо разочарување на Вашингтон, кој се обидува да го принуди Техеран да ја укине блокадата воведена откако САД и Израел кон крајот на февруари почнаа напади врз Иран.
Информацијата за кинеските бродови доаѓа додека американскиот претседател Доналд Трамп е во Пекинг на разговори со кинескиот претседател Си Џинпинг.
Според Белата куќа, двете страни се согласиле дека Ормускиот теснец мора да остане отворен за испорака на енергенси.
Иран ја презеде контролата врз теснецот кратко по американско-израелските напади на 28 февруари, фактички запирајќи го комерцијалниот поморски сообраќај и заканувајќи се со напади врз бродовите што нема да побараат дозвола за транзит.
САД одговорија со сопствена блокада на иранските пристаништа со цел да ги задушат приходите на земјата од нафта.
Техеран постојано тврди дека Ормускиот теснец не е блокиран. Но во практиката бродските компании мора да координираат со иранските власти, а премин им е дозволен само низ коридор близу иранскиот брег, и тоа со висока такса.
Според експерти за меѓународно право, таквите наплати го кршат правото на транзитен премин.






