На новинарското прашање дали постои консензус меѓу европските држави за одговорноста, Шуф одговори: „Да, секако. За жал, не можеме да докажеме кој стои зад тоа, но многумина мислат дека се Русите. Но, не можеме да го докажеме тоа“.
Во текот на последните неколку недели дронови го нарушија воздушниот простор на најмалку осум европски земји – Данска, Литванија, Финска, Естонија, Романија, Германија, Белгија и Холандија.
Неколку аеродроми мораа привремено да го запрат сообраќајот. На амстердамскиот Шипхол летовите биле одложени неколку пати, додека на аеродромот во Минхен на 2 октомври 17 летови биле приземјени поради пријави за дронови, а речиси 3.000 патници биле погодени од прекинот.
Дронови наводно се појавиле и над воените бази и енергетските објекти, вклучувајќи ја воздухопловната база Каруп во Данска и термоцентрала во Финска. „Се надевам дека еден ден ќе можеме да докажеме дали Русите стојат зад тоа или некој друг. Но, навистина е загрижувачки што тие сега се појавуваат околу нашата инфраструктура, околу нашите аеродроми. Мислам дека треба да ги засилиме безбедносните мерки во овој поглед“, кажа Шуф.
Бранот инциденти дополнително ја зголеми загриженоста во рамки на НАТО, особено по неодамнешните повреди на воздушниот простор од страна на руски авиони.
Рускиот претседател Владимир Путин на 2 октомври се потсмеваше со европската загриженост на форумот Валдај во Сочи. Кога модераторот го праша: „Зошто испративте толку многу дронови во Данска?“, тој се насмеа и одговори: „Нема да го направам тоа повторно“. Тој негираше руска вмешаност и ги спореди информациите со извештаите за НЛО.
Во септември полските сили собориле неколку руски дронови кои навлегле во нивниот воздушен простор. Неколку дена подоцна дрон преминал во романскиот воздушен простор, но Букурешт не го соборил. На 28 септември украинскиот претседател Володимир Зеленски кажа дека разузнавачките податоци покажуваат дека Русија користи свои танкери за нафта за лансирање и управување со дронови над европските градови, но без да понуди каков било доказ за тврдењата.






