„Доколку Шмит воведе закон за државен имот, истовремено ќе се донесе и одлука за независност на РС“, кажа Додик, објавија медиумите во Бања Лука.
Тој кажа и дека сите одлуки донесени од Шмит за време на неговиот мандат треба да бидат поништени.
„Нема да дозволиме никој повеќе да се однесува со нас на тој начин. Одлуките на Шмит мора да бидат поништени. Кога тоа ќе заврши, РС е подготвена за разговори и договори во Босна и Херцеговина. Пред тоа нема да разговараме“, порача Додик.
Додик ја нарече Босна и Херцеговина „изопачена држава“, а опозицијата во РС „отпад, кој, заедно со муслиманските политичари и меѓународната заедница, ќе се обиде да ја укине РС“.
„БиХ денес е Франкенштајн за српскиот народ, која не може да направи ништо добро за Србите. Колку подолго остануваме во Босна и Херцеговина, толку полошо ќе биде за нас“, кажа тој.
Додик истакна дека РС нема да влезе во воен конфликт и изрази надеж дека „цивилизираниот свет ќе биде во позиција да го обезбеди правото на народот на самоопределување по глобалните немири“.
„Мораме да се собереме околу таа идеја. Нема ниту еден знак кој би можел да биде оптимистички за наше понатамошно останување во Босна и Херцеговина. Босна и Херцеговина беше експеримент во кој е сопрен развојот на РС и сите нејзини проекти “, заклучи Додик.
На 10 април високиот претставник на Западот во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, поднесе оставка од таа позиција по речиси пет години на чело на Канцеларијата на високиот претставник.






