недела, 26 април 2026

Врските на Саудиска Арабија и нападите во САД: администрацијата на Бајден најави објавување на доверливите документи

Објавено на

часот

Сподели

Американските власти ветија во понеделникот, 9 август, дека ќе ги прегледаат доверливите документи во врска со терористичките напади на 11 септември 2001 за да се утврди што од нив може да се објави, пишува Франс прес, укажувајќи дека семејствата на жртвите упорно бараат објавување на тие документи.

Федералното истражно биро (ФБИ) во писмо до државниот обвинител во Њујорк наведе дека „решило да ја преиспита“ својата привилегија да не објавува одредени чувствителни документи и дека ќе „идентификува дополнителни информации пригодни за обелоденување“.

Најавата на ФБИ е дел од правната битка која ја водеа роднините на жртвите на нападите од 11 септември 2001 против Саудиска Арабија и други држави за кои веруваат дека биле соучеснички.

За време на правната битка администрациите на повеќе американски претседатели се повикуваа на државната тајна за документите да не бидат објавени.

САД се спремаат за одбележување на 20-годишнината од нападите врз Светскиот трговски центар, Пентагон и авионот кој се урна во Пенсилванија, со свечена церемонија планирана во Њујорк со присуство на Бајден.

Долготрајниот спор почнат со тужбата против Саудиска Арабија значително напредуваше оваа година со испрашувањето под заклетва на поранешни судски функционери, но тие изјави се недостапни за јавноста, додека САД задржаа низа документи кои ги сметаат за премногу чувствителни за да бидат објавени, укажува Асошиејтед прес.

Министерството за правда во понеделникот наведе дека ФБИ ја завршило истрагата во која предмет на истражувањето биле одделни киднапери на авионите од 11 септември и потенцијални учесници во нападот.

Министерството не наведе ништо за заклучоците на истрагата.

Повеќе истраги на американската влада ги истражуваа врските на саудиски државјани со некои од терористите, но не е утврдено дека саудиската власт била директно вмешана.

Петнаесет терористи беа Саудијци, како и Осама бин Ладен, чија терористичка мрежа Ал каеда стоеше зад него. Саудиската власт долго негира каква било вмешаност.

Особено внимание беше насочено на поддршката која им била понудена на првите двајца киднапери на авиони кои стигнале во САД, вклучувајќи ја поддршката од саудискиот државјанин кој им помогнал да најдат и изнајмат стан во Сан Диего.

Притисок врз Бајден

Одлуката за објавување на документите за кои се мисли дека би можеле да ги расветлат врските на саудиската влада и напаѓачите е донесена откако групата која претставува над 1.600 луѓе директно погодени од нападите, побараа од Бајден следниот месец да не учествува во комеморациите по повод 20-годишнината од нападите, освен ако не го исполни ветувањето дека ќе бидат прегледани документите за објавување, пишува Њујорк тајмс.

Во минатонеделното соопштение, група семејства на жртвите и преживеаните наведе дека не може „искрено и со почитување кон загинатите, заболените и повредените“ во нападите, да му посака добредојде на Бајден на комеморациите следниот месец ако не го исполни ветувањето од претседателската кампања.

Речиси 3.000 луѓе загинаа во нападите на 11 септември 2001 година.

Одлуката на администрацијата на Бајден да ги прегледа доверливите документи е најновиот развој во, како што пишува Њујорк тајмс, речиси дводецениската одисеја на некои семејства кои вршеа притисок врз четворица претседатели, со мал успех, да објават повеќе информации за вмешаноста на Саудиска Арабија во финансирањето на нападите.

Семејствата на жртвите беа вџашени кога во 2019 година тогашниот министер за правда Вилијам Бар во изјава до федералниот суд наведе дека документите во врска со нападите треба да останат доверливи за заштита на националната безбедност.

Комисијата која ги истражуваше околностите на нападите на 11 септември не најде „докази дека саудиската влада како институција или високи саудиски државници поединечно ја финансирале Ал кеада“, но, истакнува весникот, некои формулации на комисијата поттикнаа шпекулации дека би можело да има докази за вмешаност на функционери од понизок ранг.

Минатогодишната истрага на Њујорк тајмс и Пропублика утврди дека агенти на ФБИ, кои повеќе од една деценија тајни ги истражувале саудиските врски со напади од 11 септември, откриле посредни врски на таква поддршка, но без конкретни докази.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ