Во ретко признание дека украинската кампања создала „проблеми“ за Русија, Путин се обиде да покаже дека реагира на загриженоста на јавноста за војната.
Фајненшл тајмс оценува дека тој со тоа не успеал да ја скрие својата преокупација со конфликтот, ниту својата решеност да ја заврши само под максималистички услови неприфатливи за Киев.
Решеноста на Путин да продолжи и покрај сè поголемото незадоволство на јавноста откри дилема пред парламентарните избори во Русија во септември: дали и понатаму да ја избегнува политичката цена на војната или да се соочи со неа за да се обиде да ја зајакне владејачката партија, според британскиот весник.
Русите гневот главно го насочија кон Единствена Русија, главната партија на Кремљ, а не кон самиот Путин, кој не е нејзин член. Поддршката за таа партија е околу 35 проценти.
Оваа година, меѓутоа, Кремљ презеде необичен чекор и Путин потесно го врза за партијата. На конгресот одржан во неделата, Единствена Русија истакна постери со пораката „Да се биде за Путин е основниот минимум“ и за прв пат од 2007 година се нарече себеси „партија на претседателот“.
Меѓутоа, ограничувањата во снабдувањето со гориво и раширените прекини на интернетот сè повеќе влијаат врз јавното расположение. Инсистирањето на Путин дека неговите сили ќе ја добијат војната почнува да предизвикува незадоволство додека Русите бегаат во засолништа од украинските дронови кои погодуваат цели дури и во Москва и Санкт Петербург.
Размерите на украинската кампања се покажаа минатата недела, кога Русија соопшти дека пресретнала 660 беспилотни летала во 12 региони во една ноќ, во еден од најголемите вакви напади откако почна конфликтот во 2022 година. Целите не се случајни: рафинерии, нафтени терминали, воени инсталации и бродови, т.е. инфраструктура клучна за руската воена економија.
Си-ен-ен наведува дека дури ни Кремљ повеќе не може лесно да ја игнорира сериозноста на проблемот, наведувајќи дека Путин на итен состанок признал дека резервите на бензин во земјата паднале на загрижувачки нивоа и дека се разгледува целосна забрана за извоз на дизел. Тој предупреди и дека недостигот од гориво може да влијае на земјоделството.
Довербата во Путин падна на 69 проценти, што е најниско ниво од почетокот на војната во 2022 година, според анкета објавена во петокот од институтот ФОМ кој е наклонет кон Кремљ. Анкетата е спроведена во деновите веднаш по најголемиот напад со украински дронови врз Москва.
Обидите на рускиот претседател да ја смири јавноста звучат како „мантра – како да се обидува да се убеди себеси дека сè е во ред“, вели Андреј Колесников, политички аналитичар од Москва.
Со отфрлањето на понудата на Украина да ги запре нападите со долг дострел преку ограничен прекин на огнот, Путин покажа дека „ги отфрла сите опции за мирно решавање на проблемот затоа што се плаши да не ја изгуби иницијативата“, смета Колесников.
„Тоа е лош знак – тој нема да направи никакви отстапки, дури и ако тоа му штети. Тоа значи дека е полн со огорченост и решителност да се бори со сите средства.“
Државниот институт за истражување на јавното мислење ВЦИОМ забележал нешто подобри резултати за Путин, но дури откако ја променил својата методологија и вклучил анкетирање од врата до врата.
Иако ВЦИОМ ја објасни промената со обидот да анкетира постари лица кои не можат да се снајдат за време на прекините на интернетот, малку е веројатно дека анкетите можат да го опфатат растечкиот немир во општеството каде што дури и благите изрази на несогласување можат да бидат казнети со долги затворски казни, истакнува Фајненшал тајмс.
Весникот наведува дека оваа динамика станала јасна минатата недела, кога Госуслуги, рускиот државен портал за дигитални услуги, ги покани корисниците да достават „идеи за развој на земјата“. „Па, би требало… ах! За малку ќе паднев на тоа! Добар обид, другар мајоре“, напиша Минтимер Нугманов, кој раководи со рекламна агенција за мали бизниси, во објава на Инстаграм.
„Воениот замор се претвори во гнев што не се претвора во акција, бидејќи ништо не може да се направи“, вели Колесников. „Луѓето само го прават она што го знаат, без разлика дали станува збор за ограничувања на интернетот или кризата со горивото“.
Нападите со дронови и прекините на интернетот поттикнаа шпекулации дека парламентарните избори би можеле да бидат одложени или откажани, што Кремљ подоцна го отфрли.
Иако Кремљ строго го контролира гласањето во Русија и дозволува само ограничена група кандидати да учествуваат, парламентарните избори се сепак, пишува ФТ, важен индикатор за незадоволството.
Како што незадоволството поради исклучувањето на интернетот почна да расте на пролет, високи членови на владејачката партија почнаа да се дистанцираат од непопуларните мерки кои самите претходно ги заговараа.
Сергеј Бојарски, претседател на Комитетот за информатичка технологија на долниот дом на рускиот парламент, минатиот месец изјави дека Единствена Русија „не поддржува избрзани и недоволно осмислени предлози за ограничување или забрана на видео игрите“ – иако шест месеци претходно тој самиот јавно ја поддржа забраната за популарната игра Роблокс.
Јевгениј Подубни, истакнат воен известувач за државната телевизија и еден од главните изборни кандидати на Единствена Русија, кажа дека партијата е против „дрската, глупава и штетна цензура на уметноста“ – навидум заборавајќи дека пратениците на партијата гласаа во 2024 година за забрана на „пропагандата за дрога“ во уметноста.
Други пратеници се откажаа од предлогот на партијата да ги принуди Русите да добијат нови пасоши кога ќе наполнат 60 години, построго да ја регулира вештачката интелигенција, па дури и да ги обврзе фотографите да добијат државна лиценца за фотографирање новороденчиња, објави независниот портал Агенство.
Иван Филипов, автор на претстојната книга за руската провоена блогерска заедница, кажа дека промената во стратегијата кон Единствена Русија е симбол на сè поголемата изолација на Путин.
„Годината е 2026 година. Фронтот е безизлезна машина за мелење месо, земјата стои во редици за бензин, ракети и дронови секојдневно ги напаѓаат рафинериите и фабриките за оружје, а Крим речиси стана остров“, напиша тој неодамна на Фејсбук.
„Под такви услови, да се направи Путин лицето на најнепопуларната партија во земјата додека таа тоне е необјаснива одлука што може да ја донесе само некој што живее во паралелна реалност“, додава Филипов.
Михаил Виноградов, политички аналитичар поврзан со Кремљ, кој присуствувал на конференцијата на Единствена Русија, вели дека Кремљ се обидува да го држи незадоволството на јавноста под контрола.
„Проблемите се признаваат, но не се третираат како критично важни… Затоа се обложуваат дека ќе го надминат растот на социјалното незадоволство и ќе чекаат враќање на статус кво. Ако тоа се случи“.
Русите се попесимистички настроени во врска со состојбата на економијата отколку во кое било време во последните 20 години, а повеќето велат дека животниот стандард се влошува, соопшти организација за истражување на јавното мислење Галуп.
Галуп наведува дека 60 проценти од испитаниците во Русија кажале дека економските услови во градот или областа каде што живеат се влошуваат, додека само 27 проценти сметаат дека се подобруваат, а девет проценти рекле дека остануваат исти, ги објави Ројтерс резултатите од анкетата.
Кога биле прашани за животниот стандард, 56 проценти кажале дека се влошува, 29 проценти кажале дека се подобрува, а 14 проценти кажале дека не виделе никаква промена.
Телефонска анкета на 1.000 Руси, спроведена од 14 март до 6 мај, го одразува мрачното расположение и пред наглото влошување на состојбата со снабдувањето со гориво овој месец.
Довербата во руската војска паднала на 66 проценти, тврди Галуп, од 80 проценти во 2022 година, годината на почетокот на конфликтот на Русија и Украина, додека довербата во владата паднала на 53 проценти од 66 проценти во истиот период.






