Си не наведе конкретни прилики или ризици, но аналитичарите велат дека побавниот економски раст и демографскиот пад претставуваат клучни предизвици за втората најголема економија во светот.
Во 40-минутниот говор во Големата сала на народите во Пекинг, најмоќниот лидер на Кина од времето на Мао Це Тунг ги повика партиските кадри активно да ги препознаат промените и да се прилагодат на нив, а воедно да ја унапредат работата на партијата.
„Развојот на Кина во моментов е во период во кој истовремено постојат стратегиски можности, ризици и предизвици“, кажа Си, кој ја повика партијата подобро да ги координира напорите за решавање на домашните и меѓународните прашања.
Соочени со надворешни предизвици, од технолошките ограничувања предводени од Западот до турбулентните трговски односи со Соединетите Американски Држави и тензиите околу Тајван, партиските лидери го сметаат зајакнувањето на контролата врз сите аспекти на кинеското општество како клучна задача.
Бројот на членови од нејзиното основање во 1921 година достигна 100 милиони
Основана во 1921 година од само неколку десетици кинески револуционери, партијата денес тврди дека има повеќе од 100 милиони членови, или 7,2 проценти од населението на Кина.
Нејзината амбиција денес е да се трансформира од „најголемата политичка партија“ во светот во „најмоќната политичка партија“ во светот, објави официјалната новинска агенција Синхуа во уреднички текст оваа недела.

Си побара од членовите да ги искоренат феномените штетни за напредокот и „чистотата“ на партијата, како и „сите вируси кои го нагризуваат здравото тело на партијата“.
Откако дојде на власт во 2012 година, Си работеше на повторно воспоставување на несомнениот авторитет на партијата во земјата, бараше лојалност и непоколеблива дисциплина во своите редови и проширување на глобалното влијание на Кина.
Тој почна една од најобемните антикорупциски кампањи во Кина уште од ерата на Мао, за време на која милиони службеници на сите нивоа беа испитани во текот на неколку години, а стотици од нив беа отпуштени, вклучително и високи генерали.
Курс за превоспитување на високи офицери
По чистката за корупција во речиси сите највисоки воени редови, Си во април испрати високи офицери на 10-неделен курс за политичка преквалификација, повикувајќи ги да бидат лојални на партиското уверување, нејзината организација и целта.
Си денес зборуваше и за напредокот на амбицијата на Кина да оствари „повторно обединување“ со Тајван, повикувајќи на темелно спроведување на стратегијата на партијата за „решавање на тајванското прашање “.
Пекинг тврди дека одметнатиот остров е негова територија, што Тајпеј го отфрла.
Советот за копнени работи на Тајван, кој ја одредува политиката кон Кина, соопшти дека Си „во основа ги повторува старите позиции“.
Владата продолжува да ја повикува Кина да ги реши разликите преку дијалог со демократски избраната и легитимна влада, без поставување предуслови, според соопштението издадено како одговор на неговиот говор.
Кина никогаш не се откажала од употреба на сила за да го стави Тајван под своја контрола, а нејзината војска секојдневно дејствува околу островот, кој минатата недела како одговор одржа вежби за борбена готовност.






