„Од ОФАК тукушто бевме информирани дека лиценцата за работа за континуирано работење на НИС е продолжена за уште 30 дена – до 31 јули. На овој начин, рафинеријата во Панчево продолжува да преработува сирова нафта, што е особено важно во глобалната енергетска криза“, објави српската министерка на Инстаграм.
Според досегашната пракса, дополнителниот период на важење на лиценцата ќе му овозможи на Јадранскиот гасовод (Јанаф) без прекин да испорачува сирова нафта до рафинеријата на НИС. Нафтената индустрија на Србија, со 56,15 проценти руски удел, е опфатена со американските санкции врз рускиот енергетски сектор, воведени на почетокот на 2025 година.
На 26 јуни НИС поднесе ново барање до Министерството за финансии на САД за продолжување на лиценцата со цел да продолжи со оперативната работа, со образложение дека дополнителната работна лиценца е клучна за уредно снабдување со нафтени деривати на српскиот пазар.
Според објавата на МОЛ на веб-страницата на Будимпештанската берза кон средината на јуни, таа компанија добила „официјална дозвола од ОФАК да продолжи со преговорите за купување на мнозинскиот удел во НИС до 1 јули“.
Претходно, на 16 јуни, министерката Џедовиќ Хандановиќ потпиша договор меѓу акционерите со МОЛ групацијата во врска со идното управување со српската нафтена индустрија. Договорот ќе стапи во сила доколку МОЛ и Газпромњефт постигнат договор и биде одобрен од американскиот ОФАК.
Договорот предвидува и дека Србија ќе купи дополнителни пет проценти од акциите во НИС, со гарантирано работење на рафинеријата во Панчево најмалку 10 години, во капацитетот во кој работеше четири години пред воведувањето на американските санкции на почетокот на 2025 година.
Српската влада моментално поседува 29,9 проценти од НИС.






