На фотографиите и видеото што пристигнаа до редакцијата се гледаат целосно поплавени улици, подвозници под вода и возила што останале заглавени во надојдената вода.

Едни од најкритичните точки повторно беа подвозниците, каде што водата целосно го блокираше сообраќајот. Во некои делови од градот нивото на водата достигна висина до тркалата на автомобилите, а пешаците беа принудени да се движат низ длабока вода.
Невремето беше проследено и со силен ветер и град, кој за кратко време дополнително го отежна сообраќајот и предизвика проблеми во повеќе скопски населби.


Според објавите на социјалните мрежи и локалните медиуми, пријавени се поплавени улици, дворови и подруми, како и застои во сообраќајот на повеќе локации низ главниот град.

Надлежните служби интервенираат на терен, а до граѓаните е упатен апел да избегнуваат движење низ поплавените подвозници и улици, како и да не се обидуваат со возила да минуваат низ делови каде што нивото на водата е високо.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 биле примени повеќе пријави од граѓани за последиците од обилните врнежи.
Според досега пристигнатите пријави, најпогодени се општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба.






