Местото е изградено на околу еден час возење од белоруската престолнина Минск, во близина на населбата Новоколосово. Се наоѓа на место на магацин за проектили од советската ера, кое се простира на повеќе од 200 хектари. Нејасно е колку објекти се реновирани.
Белоруските опозициски активисти веќе некое време изразуваат стравувања дека авторитарниот режим би можел да прибегне кон сурови затворенички логори, ако конвенционалните затвори се наполнат. Расте и загриженоста од уште еден бран пресметки и апсења како одговор на демонстрациите по повод одбележувањето на годишнината од спорните претседателски избори на 9 август.
[video:https://youtu.be/jmXOMElOFKo autoplay:0]Би можело да има и нови немири поврзани со уставниот референдум планиран за крајот на оваа или почетокот на 2022 година.
Франак Виацорка, виш советник на белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја, ја видел снимката и кажал за Си-ен-ен: „Не е изненадувачко тоа што претседателот Александар Лукашенко се обидува да изгради нешто како обичен затворенички логор бидејќи ќе има нов бран протести. Во секој случај, тоа може да биде предизвикано од неговите изјави или од економската ситуација. Но тоа ќе се случи. Тој тоа го знае и сака да биде спремен подобро од минатата 2020 година“.

Белоруски дисиденти во август 2020 година кажаа дека полицијата неколку дена ги држела во затворенички логор, привремено направен од установа за лекување зависност.
Во октомври, активистичка група на поранешни безбедносни службеници Бепол, објави снимка за која тврдеа дека е направена од страна на заменик министерот за внатрешни работи Микалај Карпијанко, во која кажува дека повторно ќе направи логори.
[video:https://youtu.be/oWPAMjRd2JY autoplay:0]Белоруската влада ги осуди снимките како „лажни вести“. Владата не одговорила на барањето на Си-ен-ен за коментар на тврдењата.
Си-ен-ен истакнува дека не можеле да пристапат до внатрешноста на објектот во близина на Новоколосово, а нема ни знаци дека во наводниот логор има затвореници. Еден западен разузнавачки службеник кажал за Си-ен-ен дека употребата на објектот како логор е „можна“ иако нема докази за тоа. Жителите на овој град објектот го нарекуваат „кампот“. Еден жител на кого стражари неодамна му кажале да ја напушти областа, кажал: „Мојот пријател Саша, градежник, ми кажа дека го обновиле местото. Има три реда бодликава жица и таа е наелектризирана. Јас таму собирав печурки и ми пријде еден војник и ми кажа дека таму не смеам да шетам“. Уште двајца сведоци наводно виделе воени патроли.
Снимките од логорот се појавуваат по повеќенеделната пресметка на белоруската власт со преостанатите независни медиуми во земјата.






