четврток, 30 април 2026

Шарена коалиција на власт во Бугарија: што да се очекува и колку ќе трае

Објавено на

часот

Сподели

Од 3 април 2021 или точно 254 дена Бугарија беше без избрана влада. Сега бугарскиот парламент (на 13 декември) конечно ја потврди новата влада која се состои од четири партии. Покрај новата партија Ги продолжуваме промените (ПП), која изненадувачки победи на последните избори, во владејачката коалиција се и популистите од партијата Има таков народ (ИТН), Бугарската социјалистичка партија (БСП) и конзервативно-либералната Демократска Бугарија (ДБ).

„Денес е важен ден за продолжување на промените во размислувањето и промените во владата“, изјави новиот премиер Кирил Петков откако му беше изгласана владата во парламентот.

Покрај тие четири партии, познавачите на приликите ја истакнуваат и важната улога на претседателот на државата Румен Радев. „Всушност е логично да се зборува за коалиција на пет партнери“, кажа за бугарскиот портал Медиапул Парван Симеонов, директор на институтот за истражување на јавното мислење Галуп интернешнал Балканс. Тоа дека и Радев е важен го потврдува меѓу другото и фактот дека во новиот кабинет на важни позиции се наоѓаат четири члена на преодната влада која ја именуваше претседателот во април: Кирил Петков (премиер), Асен Василев (министер за финансии), Бојко Рашков (министер за внатрешни работи) и Стефан Јанев (министер за одбрана).

„Тие и нивните коалициски партнер се одговорни за реформите на лошиот модел на власта кој го наследија од авторитарната влада која беше на власт 12 години“, кажа претседателот Радев. Покрај очигледната критика на сметка на поранешниот премиер Бојко Борисов, претседателот со својата изјава воедно најави и кои се најважните задачи на новата влада: борбата против корупцијата и реформа на правосудството, што инаку се наведува како прво во коалицискиот договор.

Се очекуваат големи промени и во начинот на водење на политиката. Додека поранешниот премиер Борисов неговите поддржувачи го ценеа поради едноставниот јазик и затоа што се претставуваше како народен човек, Петков и Василев се технократи. Тие студирале на Харвард и специјализирале за стопанство и финансии. На тој елитен американски универзитет инаку студирале и многу други блиски соработници на Кирил Петков. Нивниот нов премиер сака да ги ангажира во областите во кои ги гледа најголемите проблеми. Тој сака корумпираните функционери да ги замени со свои експерти и, покрај тоа, да формира стручни групи во сите ресори кои би требало да помогнат во реформирањето на државниот апарат.

Транспарентност и дисциплина

Карактеристика на владата на Кирил Петков би требало да биде и транспарентноста. Неговата партија ПП ги пренесуваше, на пример, преговорите за формирање на коалицијата во живо, преку интернет. Тоа очигледно придонело на дисциплинирањето на учесниците. „Никој не тропаше со тупаница по маса, немаше ниедна кавга, а во споредба со претходните преговори за формирање коалиција, имаше значително помалку критички, провокативни и сомничави дофрлувања“, вели политикологот Јасен Бојаџиев за Дојче веле.

Математички гледано, оваа коалиција беше единствената можна комбинација без партиите ГЕРБ на Борисов и ДПС, партијата на турското малцинство, кои во Бугарија станаа поим за нетранспарентна политика. Ова ќе биде една многу хетерогена коалиција, но во најважните прашања – корупцијата, правосудството, државниот буџет и сузбивањето на пандемијата – меѓу нив нема многу разлики“, оценува за германската агенција Весела Чернева, директорка на аналитичката агенција од Софија Европски совет за надворешни односи.

Колку е новата влада стабилна?

Сепак, може да се забележат и некои тензии меѓу четирите владејачки партии. „БСП не може да биде веродостојна“, вели политикологот Георги Ангелов за Дојче веле. Тој потсетува дека идната министерка за стопанство Корнелија Нинова од БСП „е позната како личност која се сомнева во постоењето на ковид, националистка е, поддржувачка на теории на заговор и противничка на родовиот феминизам“. Поради сето тоа, наведува Ангелов, партијата Демократска Бугарија со години ја отфрлала можноста да соработува со БСП. А и овој коалициски договор не го потпишаа сите четири партии истовремено, туку всушност секоја партија потпиша посебен договор со ПП.

За да се отстранат можните тензии, коалицискиот договор предвидува именување по еден заменик премиер од секоја партија. Покрај тоа, секоја партија испраќа по еден советник во ресор кој не е во нејзина директна надлежност. Сето тоа баш и не покажува дека во коалицијата владее некоја голема меѓусебна доверба.

Што ја спојува оваа влада?

„Она што ги спојува овие четири партии е сфаќањето дека ГЕРБ и ДПС мора да бидат исклучени од владата“, вели Ангелов. Со други зборови, она што ја спојува новата влада пред сè е јасното отфрлање на соработката со долгогодишниот премиер Борисов. Неговата партија ГЕРБ сè уште е многу застапена во државниот апарат на сите нивоа на власта.

И иако новата влада истакнува дека сака да владее цели четири години од мандатот, таа очигледно има планови само до регионалните избори кои се одржуваат во 2023 година.

„Оваа влада е мост меѓу ерата на Борисов и новиот стил на водење на државата“, смета Христо Иванов од ДБ. „Можно е да потрае до регионалните избори, додека оваа политичка конструкција да се стабилизира“.

А за тоа време, поранешниот премиер Борисов новиот кабинет го искоментира вала: „По оваа влада ќе следи катастрофа“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ