четврток, 30 април 2026

Некој нуди автомобил, а некој 150 евра: како земјите ги мотивираат своите граѓани да се вакцинираат

Објавено на

часот

Сподели

Иако Русија прва во светот регистрираше вакцина против короната, во екот на третиот бран во јули стапката на вакцинацијата во таа земја беше мошне ниска – само околу 19 отсто. Руските власти се обидуваа на разни начини да ги мотивираат граѓаните да ја примат вакцината – од награди до казни и закани со откази.

Московските власти во јули наредија задолжителна вакцинација на најмалку 60 отсто на персоналот во услужните дејности, од угостителството до сместувањето и транспортот. За да се мотивираат граѓаните во што поголем број да се вакцинираат, сите тие што ја примија првата доза на вакцината до 11 јули беа вклучени во ждрепката за пет автомобили што се доделуваа секоја недела.

Подарок-картички

Шведските научници извршија тестирања дали финансискиот поттик може да ги охрабри граѓаните да се вакцинираат против коронавирусот. Подарок-картичките од 23 долари се една од четирите техники што се тестирани. Очигледно, оваа тактика дала позитивни резултати. Во Шведска денес 65 отсто од жителите се вакцинирани со двете дози и уште 5,55 отсто со првата, поради што оваа земја ги укина сите мерки.

Лотарија и ваучери за оброк

Романските власти се надеваа дека ваучерите за оброци вредни околу 20 евра и можноста да се учествува во лотарија со парични награди ќе бидат поттик за граѓаните да се вакцинираат против коронавирусот. Тамошната влада донесе итна уредба со која е овозможено вакцинираните да добијат ваучери за оброк, но изгледа дека таа мерка не ги натера граѓаните да тргнат кон пунктовите за вакцинација. Во Романија само 28,30 отсто граѓани ги примија двете дози и 1,7 отсто првата доза, што оваа земја ја става во долниот дел на листата на вакцинирани во Европа.

Кина подарува брашно и јајца, САД лотарии

Кина за време на летото се обидуваше со подароци да ги мотивира граѓаните за вакцинација. По првата доза вакцина во одделни делови на најнаселената земја во светот граѓаните добиваа подароци како што се јајца и брашно, како и бонови за купување, но и карти за кино.

На другиот крај на светот, Америка се обидуваше да го зголеми бројот на вакцинираните со наградни игри и со лотарии. Висината на наградите варираше од еден милион па сѐ до повеќе милиони долари, а во некои држави се делеа и „утешни награди“ од 250.000 долари. На списокот на награди беа и школарини, авионски карти, потоа карти за спортски натпревари, подарок-картички…

Привилегии за посета на фризер

Германија уште летоска објави дека сите тие што ќе решат да се вакцинираат ќе добијат одредени привилегии. Така, за време на строгиот карантин најави дека со доказ за вакцинација граѓаните ќе можат да одат на фризер, во зоолошка градина и дека нема да мораат да одат во карантин и да се тестираат кога ќе дојдат во Германија. Тогаш за вакцинираните не важеше ни правилото за максимален број лица што смеат да се соберат на некој настан ниту правилата поврзани со полицискиот час.

150 евра за патувања

Во Грција како поттик за вакцинација на младите на возраст меѓу 18 и 25 години се доделуваше дигитална дебитна картичка во вредност од 150 евра, која беше наречена „пропусница за слобода“. Таа важи до крајот на оваа година и може да се искористи за патувања и за културни активности. Грција воведе задолжителна вакцинација за сите здравствени работници.

Бонус за младите

Како и Велика Британија, и Ирска има ниска стапка на вакцинација. Најмалку вакцинирани имаше меѓу младите, поради што парламентот ѝ предложи на владата да исплати 150 евра бонус за да ги поттикне младите да се вакцинираат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ