Сиромашното мнозинство во градот води жестока борба како да му одолее на гладувањето, и тоа претставува најголем предизвик до сега.
Милиони живеат во очајна сиромаштија во земјата која прими големи суми странска помош. Остатокот од парите кој би можел да им помогне – околу девет милијарди долари во резервите на централните банки, Американците ги замрзнаа за да ги зачуваат од талибанците.
Стотици градежни работници наутро се собираат на еден од отворените пазари во Кабул, барајќи работа за тој ден, пишува Би-би-си.
Големите градежни проекти во градот се сопрени, банките се затворени, чешмата за странски пари е исклучена. Она што остана се неколку капки. Неколку градежни работници успеваат да добијат работа, додека останатите се гневни. Еден од нив е и Хајат Кан, кој е гневен поради богатството кое елитата го украла во последните 20 години.
„Богатите мислат само за себе, а не за сиромашните. Не можам да купам ни леб. Верувајте дека не можам да најдам ниту еден долар, а богатите луѓе ги ставаа парите од помошта на Западот во своите џебови. Никој не се грижи за сиромашните луѓе. Кога помошта стигнува однадвор, луѓето на власт секогаш се трудат таа да оди кај нивните роднини, а не кај сиромашните“, вели тој.
Мохамед Анвар, кој имал среќа да најде канцелариска работа, ги обвинува Американците за кражба.
„Во име на Алах, ја повикуваме Америка да ни ги даде парите кои ги земаа од авганистанската влада. Мора да се употребат за обновата на Авганистан“.
Во близина е и талибански функционер, силен човек со густа црна брада. Исламистичките борци се многу присутни во центарот на главниот град, во републиката која ја преименуваа во Исламски Емират. На аеродромот се облечени во американски униформи.
Најчестиот приговор кој се слуша во Кабул е за цените на храната, како и очајот на родителите кои се борат да ги прехранат своите деца. Цените на храната растат, а милиони луѓе се борат за да ги прехранат своите семејства.
Светската програма за храна проценува дека околу 93 отсто од Авганистанците не добива доволно храна за јадење. Пред талибанците да ја преземат власта, бројката била 80 отсто. Луѓето низ Кабул го продаваат својот имот за да соберат нешто пари, главно за храна. Тоа се теписи, телевизори, разни предмети. Многумина продаваат, а ретки купуваат. Нема кеш, а раширен е пазарот на половни производи.
Има земји кои сакаат да му помогнат на Авганистан, но не ја признаваат талибанската власт и сега се соочуваат со голема дилема. За луѓето да можат да работат и заработуваат пари и да живеат и јадат, талибанците мора да водат одржлива политика во Авганистан.
Многумина во САД, Британија и други земји кои се бореа против талибанците тепко го поднесуваат успехот на нивните стари непријатели.
Алтернативата би можела да биде полоша – повеќе беда за луѓето, повеќе бегалци, повеќе потхранети деца, ризикот е Авганистан повторно да стане пропадната држава и земја на можности за џихадистичките терористи.
Најновата криза во Авганистан ги опфаќа основните нешта за живот – храната, безбедноста и надежта – како и очајот и гневот кога тие основни нешта ги нема.
[video:https://youtu.be/ujzrr5uUACs autoplay:0]





