На неодамнешните состаноци, Трамп одлучи да продолжи да врши притисок врз иранската економија и извозот на нафта со блокирање на сообраќајот до и од иранските пристаништа, се вели во извештајот, истакнувајќи дека тој верува дека другите опции, вклучително и продолжување на бомбардирањето или откажување од конфликтот, носат поголем ризик од одржувањето на блокадата.
Ројтерс не можеше веднаш да го потврди извештајот. Вчера беше објавено дека Иран им дал предлог на Соединетите Држави за повторно отворање на Ормускиот теснец и за крај на војната, но на Трамп не му се допаднал предлогот.
Тој на својата социјална мрежа Трут соушл објави дека Иран го информирал дека земјата е во состојба на колапс. Во соопштението се додава дека Иран се стреми да го отвори Ормускиот теснец што е можно поскоро, додека се обидува да ја реши ситуацијата со лидерството.
„Иран штотуку нè информираше дека е во „состојба на колапс“. Тие сакаат што поскоро да го „отвориме Ормускиот теснец“ додека се обидуваат да ја решат ситуацијата со нивното лидерство (во што верувам и дека ќе успеат!)“, објави тој.
Изјавите на Трамп се соочуваат со сè повеќе критики. Германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека САД се „понижени“ од Иран, сугерирајќи дека Техеран ја надмудрува администрацијата на Трамп во преговорите кои се во застој.
Последната анкета на Ипсос исто така покажа дека поддршката на американскиот претседател паднала на најниско ниво во неговиот тековен мандат, бидејќи Американците се сè повеќе незадоволни од растечките трошоци за живот и непопуларната војна со Иран.
Просечните цени на горивата во Соединетите Американски Држави исто така се искачија на највисоко ниво од почетокот на војната со Иран, поради страв од продолжена енергетска криза, додека Вашингтон и Техеран се чини дека се во ќор-сокак околу предлогот за повторно отворање на Ормускиот теснец и завршување на двомесечниот конфликт.
Иранските власти објавија детали за предлогот во повеќе фази што Техеран наводно го доставил до Вашингтон. Според планот, прво ќе се преговара за отворањето на Ормускиот теснец, додека чувствителното прашање за иранското збогатување на ураниум ќе се стави настрана додека не заврши војната и не се решат споровите околу бродскиот сообраќај во Заливот, објавува Ројтерс.
Првиот чекор би барал од САД и Израел да запрат со нападите и да гарантираат дека нема да продолжат со нив. Во втората фаза, двете страни би ги укинале блокадите на Ормускиот теснец. Ова би ја ослободило трговијата преку една од клучните светски бродски линии, која Иран сака повторно да ја отвори под своја контрола.
Конечно, третиот чекор вклучува преговори за нуклеарната програма на Иран, при што Техеран бара од САД да го признае неговото право да збогатува ураниум. Портпаролот на иранското Министерство за одбрана, Реза Талаеи-Ник, вчера исто така изјави дека Вашингтон „мора да се откаже од своите нелегални и ирационални барања“.
Трамп изјави дека тој план не му се допаѓа. Исто така изјави дека во моментов прави со Иран она што, според него, другите земји и претседатели требало да го направат одамна. „Во моментов правам нешто со Иран што другите земји или претседатели требаше да го направат одамна“, порача тој на својата социјална мрежа Трут соушл.






