„Со лисици, како да се работи за опасен криминалец, беше спроведен во станица, без притоа да му се соопшти основот за лишување од слобода. Во исто време, истата таа полиција под капата на Тошковски, со фрапантна леснотија дозволува да исчезнуваат и да бегаат лица осомничени за тешки кривични дела, не постапува ниту со слична посветеност при брутални насилства, а семејното насилство го релативизираат и оставаат без соодветен институционален одговор. Државата казнува солидарност, а премолчува насилство“, соопшти Левица.
МВР синоќа соопшти дека во 17:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека во СЦ „Јане Сандански“, каде се одржувал финалниот натпревар од Светско училишно првенство во ракомет помеѓу Македонија и Израел, А.К. (28) истакнал знаме од Палестина. Лицето е приведено во полициска станица за сторен прекршок по член 3 од Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок, се вели во соопштението на МВР.
Според член 3 од Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари казниво е и „внесување и истакнување на транспаренти, знамиња и други предмети со текст, слика, знак или други обележја, како и пеење на песни или дофрлување на пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и верска припадност или врз основа на други особини“.






