среда, 29 април 2026

Кинезите засадиле околу 78 милијарди дрвја за 48 години: Нова студија открива што се променило

Кина е позната по своите инфраструктурни проекти, како што се најголемата брана во светот, најдолгата мрежа за брзи железници, најголемата ветерна фарма…

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Со истото темпо со кое градат, Кинезите со децении се обидуваат да ја „изградат“ и природата.

Во 1978 година, Кина започна амбициозен проект за пошумување, познат како „Голем зелен ѕид“, со цел намалување на ерозијата на почвата и ублажување на пустинските бури.

Според Ројтерс, Кина засадила околу 300.000 км² шуми (еквивалентно на приближно 30 милиони хектари). Ова ја зголемило вкупната шумска покривка во земјата од околу 10 проценти (во 1949 година) на околу 25 проценти (во 2024 година).

Според некои проценки, Кина засадила околу 78 милијарди дрвја од почетокот на 1980-тите.

Сепак, ново истражување објавено во 2025 година покажува дека масовното пошумување имало непланирани последици – особено кога станува збор за распределбата на водата.

Истражувачи од Универзитетот Тјанџин, Земјоделскиот универзитет во Пекинг и Универзитетот во Утрехт ги анализирале промените од 2001 до 2020 година.

Резултатите покажуваат дека зголемената вегетација довела до намалување на водните ресурси во два клучни региона:

  • источниот монсунски регион
  • северозападен сушен регион

Овие региони заедно покриваат околу 74 проценти од територијата на Кина, што го прави откритието особено значајно, објави Лајв саенс.

Главната причина лежи во процес познат како евапотранспирација – комбинација од испарување и транспирација, или ослободување на водена пареа од растенијата.

„Овие промени доведоа до прераспределба на врнежите, насочувајќи повеќе влага кон Тибетската висорамнина, каде што беше забележана зголемена достапност на вода“, тврдат авторите.

„Спротивно на тоа, источна и северозападна Кина се соочуваат со намалување на водните ресурси, при што северозападниот дел е најпогоден поради пренасочувањето на влагата кон Тибетската висорамнина“, се додава во студијата.

Авторите истакнуваат дека идните проекти за пошумување треба повнимателно да го земат предвид влијанието врз водните ресурси, пренесува Популар механикас.

„Нашите наоди покажуваат дека промените во земјишната покривка можат да ги прераспределат водните ресурси меѓу регионите. Разбирањето на овие ефекти е клучно за одржливо управување со земјиштето и водата во Кина“, се вели во извештајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ