недела, 26 април 2026

Дојче веле: Вечниот мраз во Русија се топи (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Загрозени се голем број станбени згради. „По топењето на вечниот мраз постои опасност од лизгање на зградите, што на многу места и се случува“, вели Али Керимов. Тој и други експерти од градот Норилск на Леденото Море сакаат својот град да го направат побезбеден.

Во Норилск куќите стојат на столбови длабоко всадени во тлото. „Столбовите одат 10 до 30 метри во длабочина“, вели Керимов, кој е воедно и директор на истражувачкиот и градежен центар Фундамент. Со копањето на длабоките столбови се спречува уривање на зградите по топењето на тлото и омекнувањето на земјиштето. Но на многу градби во Норилск се видливи пукнатини. Тлото никогаш не мирува.

Ако топењето продолжи, повеќе ни длабоките столбови нема да го спречат уривањето на куќите. Како што вели Керимов, кога тлото ќе се стопи три до пет метри во длабочина, комплетното земјиште се спушта за еден метар. Оваа појава претставува голем проблем за земјата на која, иако според површината е најголемата земја во светот, речиси две третини од територијата ѝ е покриена со пермафрост, односно трајно замрзнато тло.

Станува збор за огромен сандак за замрзнување во кој лежат остатоци од билки и животни кои сè уште не ги раствориле бактериите. Тие ќе се активираат дури откако температурите ќе се кренат и тлото ќе омекне.

И токму тоа се случува во многу региони на Русија кои инаку се под постојан мраз. „Загревањето на Земјата повеќе не може да се негира. Арктикот е епицентарот на овој процес и никаде на друго место на Земјата тој не е видлив како тука“, вели Матијас Улрих од Универзитетот на Лајпциг. Најголемата опасност притоа, како што сметаат научниците како Улрих, е ослободувањето на огромно количество штетни гасови како метан или јаглерод диоксид.

Тимот на научникот од Бон Николаус Фротцхајм сега открил дека во рекордно топлото лето 2020 во два предели на северот на Сибир е ослободено особено многу метан. Експертите се плашат дека со топењето на мразот и гасните хидрати во атмосферата би истекле огромни количества штетни гасови.

И додека проблемот со ослободувањето на штетните гасови им е видлив само на научниците, уривањето на куќите на сопствена кожа веќе го доживуваат многу жители на субполарната област. Во Норилск прецизно се бележи секоја штета настаната со топењето на пермафростот. Градоначалникот Дмитриј Карасјов зборува за 240 згради кои треба или темелно да се обноват или повеќе не се подобни за живеење.

На секоја трета градба во Норилск се видливи деформации, кажа Карасјов неодамна на една германско-руска конференција за сировини. Низ светот на пермафрост се изградени околу 1.000 населби и градови со околу 5 милиони жители. Како што вели Улрих, според некои пресметки за 30 години 42 отсто од овие населби ќе бидат погодени од топењето на мразот. Само во Русија околу 20 отсто од инфраструктурата во областите на пермафростот би можеле да бидат уништени. Руското министерство за заштита на средината можната штета ја проценува на околу 57 милијарди евра. Тоа се пари кои ќе фалат на друго место, на пример кај социјалните проекти.

Поради топењето на пермафростот сè почести се и еколошките катастрофи. Неодамна во близина на Норилск од еден резервоар истекле над 20.000 литри дизел откако темелите на резервоарот потонале во стопеното тло.

Керимов се залага за трајно набљудување на тлото. „Мерењата треба да се вршат така да е можно да се предвиди негативното влијание врз темелите во следните пет до дваесет години“, вели овој инженер.

Оваа временска резерва би дозволила наоѓање решенија и навремена реакција. Уште сега темелите на некои згради вештачки се ладат за да се спречи топење на тлото. Истовремено се работи на нови материјали за столбови кои подобро би ги поднеле осцилациите во температурите на тлото.

Без нови технологии овие делови од светот повеќе нема да може да бидат населени со луѓе. Во Норилск веќе одамна се откажаа од градење на повисоки градби. Од 2002 година се градат само нискокатници.

[video:https://youtu.be/JoIG08fDV5k autoplay:0]
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ