сабота, 25 април 2026

Американски разузнавачи имаат тајни податоци од Кина, ќе ги користат за откривање на потеклото на вирусот

Објавено на

часот

Сподели

Големиот каталог информации содржи генетски податоци добиени од примероци на вирусите кои биле проучувани во лабораторијата во кинескиот град Вухан, од каде коронавирусот почна да се шири низ светот, потврдиле повеќе извори за Си-ен-ен. Дел од американските функционери верува дека коронавирусот тргнал токму од таа лабораторија.

Сè уште е нејасно како американските разузнавачи дошле до тие податоци, но Си-ен-ен наведува дека компјутерите преку кои се создаваат таквите бази на податоци и се процесираат обично се споени на сервери базирани на клауд технологија, што алудира на можноста да биле хакирани.

Но, „преведувањето“ на големото количество сирови податоци во корисни информации, кое е само дел од напорите на разузнавачката заедница да го открие потеклото на вирусот, со себе повлекува цела низа предизвици. Еден од нив се однесува на собирање доволно компјутерска сила за таквата работа да се заврши. Поради тоа американските разузнавачи зависат од суперкомпјутерите на националната лабораторија на Одделот за енергија, која обединува 17 елитни американски истражувачки институции.

Тука е и проблемот со персоналот. На разузнавачите за таквата работа не им требаат само научници кои се доволно вешти за да може да ги толкуваат комплексните податоци за секвенцирање на генетскиот материјал на вирусите, тие покрај тоа треба да го познаваат и мандаринскиот јазик, имајќи предвид дека податоците се на кинески и користат специфичен вокабулар.

„Нормално дека има научници кои имаат доволно знаење и вештина. Но такви кои покрај тоа разбираат и мандарински? Тоа се многу малку луѓе. И тоа нормално не кои било научници, туку специјализирани за биологија. Гледате како ова многу брзо станува тешко“, кажал за Си-ен-ен извор упатен во напорите на американските разузнавачи.

Си-ен-ен потсетува дека американските власти си дале рок од 90 дена да го откријат потеклото на коронавирусот. Се надеваат дека информациите од Кина ќе помогнат во одговорот на клучното прашање: како вирусот од животно се префрлил на човекот? Одговорот на тоа прашање е клучен за да се утврди дали вирусот „протекол“ од лабораторија или од животните се префрлил на човекот по природен пат.

Извори запознаени со истрагата кажале дека прегледот на генетските податоци од Кина нема да биде доволен за дефинитивно да се докаже дали коронавирусот тргнал од лабораторијата од Вухан односно дали се раширил по природен пат. Властите ќе мора тие информации да ги стават во контекст на останатите докази за точно да го одредат потеклото на пандемијата која го парализираше целиот свет.

Но, како што пишува Си-ен-ен, станува збор за „критичен дел на сложувалката“ на кој се фокусирала американската влада.

„Најважните технички податоци во овој контекст се информациите за генетското секвенцирање и контекстуалните информации за потеклото на примероците, односно времето и контекстот во кој се земени. Со тие информации би можеле да имаме појасен наратив за потеклото на САРС и ковид-19“, кажа извор запознаен со истрагата.

Високите американски функционери и понатаму се поделени меѓу двете теории за потеклото на коронавирусот, при што, нормално, се возможни и комбинации на двете теории – таа за лабораторијата и таа за природното ширење на вирусот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ