Пред убава атмосфера во салата „Боро Чурлевски“ и навивачки групи и на двата тима, се одигра вечното дерби меѓу Пелистер и Вардар кое заврши нерешено.
Натпреварот почна изедначено, се играше гол за гол, a кон средината на првото полувреме Вардар почна да се одлепува. На одморот скопскиот тим имаше предност од 17-13.
Во поголемиот дел од второто полувреме Вардар го одржуваше водството но падна во последните десет минути. Еурофарм Пелистер полека почна да ја топи негативата и на крајот дури и направи пресврт, дојде до водство од 27-26.
Вардар погреши во нападот за изедначување, Пелистер ја зема топката и имаше помалку од половина минута да го финишира мечот и да дојде до победа, но Мандалиниќ погреши, Вардарци ја освоија топката и имаа уште неколку секунди за напад.
На три секунди до крајот беше досуден пенал за Вардар по фаул врз Гаџа кој го реализираше Дибиров за конечен резултат од 27-27.
Главен играч на Вардар беше Анте Гаџа кој постигна осум гола, Тото реализираше пет пати, Талески четири, Борко Ристовски имаше 11 одбрани. Во составот на Пелистер, Мандалиниќ постигна седум голови, Обрадовиќ и Периќ по шест.
Вардар и Пелистер се бодовно израмнети, но ова реми носи значителна предност за црвено-црните кои ако го добијат пролетниот дуел во „Јане Сандански“ и не кикснат на друго место ќе бидат шампиони поради подобар меѓусебен дуел од Пелистерци.






